Кај студентите се забележува едно мало опаѓање на нивото на познавање, свеста и потребата за негување на стандардниот македонски јазик. Со чест на исклучоци, искуството говори дека клучна улога, сепак, играат наставнците од претходното образование и воопшто односот кон македонскиот јазик во основното и средно образование вели проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска од Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Клучна е улогата на образованието. Проблемите со правописни, граматички и синтаксички грешки ги среќаваме не само кај студентите, туку и кај интелектуалците од различни области. Тоа што загрижува е немање на развиена писменост. Македонскиот јазик на учениците им е најтежок предмет, што аполутно не треба да е така. Треба децата да се наведуваат кон читање, кон свеста и потребата за правилно изразување, вели Тофоска.

Треба да се чита, што секако е малку потешко со современиот начин на живот и технологијата. Но, мора да се најде начин како да се привлечат децата да читаат, да разбираат и дискутираат за теми што се важни. Оние студенти кои добро се снаоѓаат со јазикот, имаат претходна основа по македонски јазик. Активното учество на учениците во реализација на програмата по македонски јазик ќе придонесе учениците што подобро да се изразуваат на мајчиниот јазик.

Јазикот треба да ни служи за изразување на нашите мисли и ставови. Треба да се развие свест кај секого дека правилната употреба на стандардниот македонски јазик ја претставува личноста. Не може да постои еден вистински солиден интелектуалец, ако тој не знае да го користи јазикот, додава Тофоска.

Потребно е да се развие свесноста зошто е важно да се зачува сопствениот јазик, бидејќи тој е дел од сопствениот идентитет, додава Тофоска.

Н.С.Ј.