По должина на охридската чаршија и во стариот дел на Охрид треба да се постават поголем број на корпи за отпадоци, сметаат сопствениците на дуќани и жителите од овој дел на градот. Според нив, на туристите и секојдневните минувачи не им се обезбедни доволен број на локации каде што можат да го фрлаат ситниот отпад од храна и пијалоци, па неретко истиот е оставен или фрлен на несоодветни места.
-Кога има поголема фреквенција на минувачи низ чаршијата многу често се случува да најдеме различни видови на остатоци од храна, хартии и најлонски отпадоци пред дуќаните, кои мора да ги чистиме сами, зошто сепак секој сам треба да се грижи за чистотата пред својот дуќан. Сметаме дека треба да има корпи на повеќе места низ чаршијата, велат дел од сопствениците на дуќани со кои поразговаравме на оваа тема.
Според надлежните од ЈП „Охридски Комуналец“ во делот на охридската чаршија има доволен број на корпи за отпадоци.
-Корпи за отпадоци има на почетокот од чаршијата кај споменикот на „Свети Климент“, на плоштадот „Крушевска Република“ кај Чинарот, на потегот помеѓу „Летница“ и ТЦ „Амам“, кај скаличките и кај стоковната куќа „Билјана“. Но сепак доколку Локалната самоуправа набави нови корпи за оптпадоци може да го зголемиме бројот на корпи кои се поставени по чаршијата, велат надлежните во ЈП „Охридски Комуналец“.
Оттаму објаснуваат дека во текот на изминатиот период ова јавно препријатие набавило нови корпи за отпадоци кои биле поставени на булеварите „Туристичка“ и „Железничка“.
-Иако корпите на овие булевари се поставени неодамна, досега во два наврати непознати сторители ги оштетитуваат и ги соборуваат. Сега повторно нашите екипи ќе мора да вршат прицврстување и поправка на оштетените корпи, велат од препријатието, упатувајќи апел до несовесните граѓани да ја зголемат својата свест за зачувување на урбаната опрема.
Е.М