Извештаите од работењето на јавните претпријатија за првиот квартал од годината не претставуваат целосна и вистинска слика каква е состојбата во истите,  односно каква ќе биде до крајот на годината, бидејќи низ месеците секако ќе се менува, но претставуваат појдовна основа која ја прикажува насоката во која ќе се движи едно јавно претпријатие, рече советничката Живка Ангелоска на денешната одржана Седница на совет, на која беа рагледани и изгласани тримесечните извештаи од работењето на јавните претпријатија.

Тоа што се повторува и е каракатеристично и за овој квартал како и минатата година се субвенциите кои ги дава локалната самоуправа и тоа ни дава до знаење дека немаат финансиска стабилност и не можат да функционираат непречено без истите. За овој прв квартал 3,5 милиони денари субвенции се дадени на ЈП „Водовод“, 1,5 милиони денари за ЈП „Нискоградба“, 2 милиони 800 илјади денари за ЈП „Градски Пазар“ и 500 илјади денари за ЈП „Градски гробишта“. ЈП „Билјанини Извори“ нема субвенции од овој тип, меѓутоа има субвенционирање со намена, а тоа е за користење на спортските терени и објекти во јавното претпријатие од 1,5 милиони денари. За некои јавни претпријатија овие субвенции и тоа како помогнале за да го завршат кварталот со позитивна разлика, истакна Ангелоска.

Додава дека ЈП „Нискоградба“ благодарение на овие субвенции го завршува кварталот со нешто повеќе од 200 илјади денари позитивна разлика, а се зголемува позитивната разлика и во ЈП „Водовод“, додека субвенциите кај претпријатието „Градски гробишта“ истите немале удел во однос на подобра ситуација, бидејќи претпријатието има постигнато доста подобри резултати споредбено од претходната година. Претпријатијата кои овој квартал го завршија со загуба, вели Ангелоска, се ЈП „Билјанин Извори“, ЈП „Охридски Комуналец“ и „Градски Пазар“.

Посочи дека со летната наплата на паркингот се надева дека ќе се надмине состојбата со загуба во ЈП „Билјанини Извори“, но и дека ЈП „Охридски Комуналец“ треба да биде во фокус на Општината во наредниот период имајќи во предвид колку е значајно за градот. Потенцираше дека без субвенции од Општината, ЈП „Градски Пазар“ нема да можело не само да ги покрие трошоци за нормално функционирање, туку ќе немало ни за исплата на плата на вработените.

Се надевам ситуацијата каде што е добра ќе биде подобра во наредните месеци. Општината треба сериозно да ги има во предвид бројките кои ни ги покажаа ЈП-ја и да прави план за подобрување на ситуацијата, но долгорочно, не краткорочно зошто се тоа е минливо и на крај пак ќе се доведеме во ситуација каде ќе се бара спасот во зголемување на цените на услугите за граѓаните, потенцираше Ангелоска.

На седницата пред да биде изгласана Одлуката за уредување на меѓусебни права и обврски помеѓу Општина Охрид и ЈП „Градски Пазар“ Охрид во делот на поставување урбана опрема – покриени и непокриени шанкови со локации советниците побараа објаснување за истата.

Секретарот Александар Китески истакна дека станува збор за Одлука со која Општина Охрид на ЈП „Градски Пазар“ му го пренесува правото и обрската да стопанисува, да ги одржува и да врши наплата на надоместок за закупнина по однос на издадените локации за урбана опрема,  покриени шанкови.

Со ова би го помогнале работењето на ЈП „Градски Пазар“ и наместо средства преку субвенции, кои би се намалиле, ќе дадеме можност преку наплатата на закупнината за кои веќе се склучени договори да може подобро да функционира. Врз основа на оваа Одлука ќе има и посебен договор со кој ќе се регулираат правата и обврските помеѓу Општина Охрид и ЈП „Градски Пазар“, додаде Китески.

На седницата беа изгласани и извештаите за реализацијата на програмите во повеќе сфери во првите три месеци од годинава.

Пред советниците се обрати и досегашниот претседател на Советот, Сашо Донев кој посочи дека оваа седница е последна на која присуствува.

Изминативе три години мислам и сум цврсто убеден дека го подигнавме нивото  на Советот за разлика од минати советнички состави и со тоа покажавме дека без оглед кој на која политичка партија припаѓа, носевме одлуки кои беа во интерес на сите граѓани, рече Донев.

Н.С.Ј.