Денот на реката Дрим оваа година беше одбележан со посебни здравствени протоколи, со еко бродска тура на отворено.
Седма година по ред преку „Денот на Дрим“ целта ни е сензибилизација на јавноста за прашањата на управувањето и заштитата на заедничкиот Дримски Басен. Експертите го изготвија Стратешкиот Акционен План за Дримскиот басен, а политичките претставници на државите го одобрија. И тоа е основниот документ кој содржи мерки за управување и нуди решенија. Тие решенија треба да се следени со јасни политички одлуки во интерес на заедничкото управување со Дримскиот басен кој содржи силен, не само еколошки туку и економски и енергетски аспект. – изјави Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ Дримскиот проект.
Овој настан е дел од одбележувањето на Денот на Дрим во четирите земји кои го делат басенот, кој годинава се одржа под мотото „Новата нормалност во заштитата на биодиверзитетот во Дримскиот Басен“. Претходно на македонска страна беа извршени теренски истражувања на реките притоки на Дрим и Охридско Езеро
Нашата цел е да работиме заеднички и да го заштитиме Дримскиот Басен, но за тоа е потребно активно да се вклучат и надлежните државни институции и заедно да пристапиме кон проблемите со кои се соочуваме. Воедно, сакам да се заблагодарам што оваа година довербата ни беше дадена нам да го реализираме овој проект и сигурен сум дека успеавме да ја подигнеме свеста кај локалното население, тргнувајќи од најмладите од основните училишта. – рече Шуип Марку од Центарот за одржлив развој од Дебар како носител на проектот.
Научен осврт за заштита на биодиверзитетот по текот на реките од сливното подрачје на реката Црн Дрим имаше проф. д-р Сузана Патчева, која го посочи значењето на овој воден басен.
Заштитата на разновидноста на животинскиот и растителниот свет и одржувањето на квалитетот на водата на реките, притоки на Охридското Езеро и реката Црн Дрим се од огромно значење, како на национално така и на локално ниво бидејќи локалното население на тој начин обезбедува здрава животна средина, а истовремено има значајни директни и индиректни придобивки од истото. – рече Патчева.
Годинава проектот беше насочен кон најмладите, а во него беа вклучени учениците од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, охридско и учениците од ОУ „Дебрца“ од истоимената општина.
OhridNews