Потребна е долгорочна и сигурна финансиска поддршка за дневните центри за лицата со попреченост со цел да се овозможи корисниците да ги добиваат потребните услуги кои за нив значат прилагодување и оспособување за секојдневниот живот, но и социјална вклученост, согласни се стручните лица и родителите. Ова беше потенцирано на денешниот отворен ден во Дневниот центар „Зраци“ во Охрид организиран по повод 3 Декември-Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Дневниот центар „Зраци“ и за нас и за нашите деца живот значи, вели Орхидеја Топенчарова, мајка на 43 годишната Ивана која веќе 23 години е корисник на услугите.

Тие се пронаоѓаат во својата средина, а за нас, родителите, значи осум часа време кое може да го искористиме за работа. Се работи за лица со тешка попреченост кои веќе се возрасни и за кои е потребна голема нега. За згриженоста овде во Дневниот центар имаме само зборови на благодарност, за сите овие години на искушенија, на предизвици, истрајност, благодарејќи на дефектологот Зоран и социјалниот работник Евица. Двајцата се максимално посветени на лицата, а штом тие се задоволни, насмеани, ведри, свои на своето и ние сме задоволни, потенцира Топенчарова.

Обезбедувањето на финансиската поддршка за дневните центри, вели, мора да биде постојана и да не биде финансирањето преку проекти.

Како родители не прифаќаме децата да бидат вклучени во било какви проекти. Нашите деца не се проекти, ниту можат лесно да се навикнат на друг простор или на други лица кои ќе работат со нив. Благодарение на поддршката и разбирањето на локалната Дневниот центар „Зраци“ продолжува и по Новата година да работи со финансирање од локалната самоуправа. Државата треба да ги зема децата и Дневните центри под својата капа. Како што е задолжително образованието, така треба да биде и ова задолжително. За нас ова е образование, ако здравите деца ги образуваме со нормално школување, овие деца ги образуваме за прилагодување и оспособување во секојдневниот живот, што мислам дека е многу битно, додава Топенчарова.

Дефектологот Зоран Костадиноски од Дневниот центар „Зраци“ посочува дека од почетокот на работата на центарот до денес има голем напредок, социјално гледано во промена на јавната свест за лицата со попреченост, дека истите се наши граѓани, постојат во општетството и им е потребно внимание.

Факт е дека сите овие години без адекватна помош од општината Дневниот центар, не дека можеби не би успеал да функционира, но би бил во многу тешка состојба. Не е битно која институција државна или локална би била носител на финансирањето, но овој проблем треба да биде под државна капа. Имаме среќа како Центар што константно добиваме поддршка од локалната самоуправа, што не е нивна законска обврска. Овие лица се граѓани на оваа држава, и на нив им е потребно ваков вид на згрижување соодветно на нивната попреченост. Дали ќе е Министерство или локална самоуправа воопшто не е битно, но не преку проект кој би траел година, две, пет… Сме поминале многу проекти и најдолгиот проект завршува, што после тоа, корисниците се овде. Затоа е потребен долгогодишен и сигурен начин на финансирање на овој тип на установи, вели Костадиноски.

Во поглед на капацитетот за згрижување посочува дека максималниот број на лица сеуште не е постигнат во сегашните просторни услови и засега немаат потреба од вработување на дополнителни лица кои би се грижеле за корисниците.

На денешниот отворен ден институциите, фирмите и граѓаните имаа можност да се запознаат одблиску со неговите активности и најмногу со значењето од неговото функционирање.

Инаку, во Дневниот центар „Зраци“ услугите ги користат во моментов на дневна основа десет корисници на возраст над 18 години, а највозрасното лице има 51 година. Лицата покрај тоа што ги добиваат услугите за оспособување во извршување на дневните обврски, вклучени се и во бројни социјални активности како учества на спортски манифстации, посети на културно-историско споменици, организирање на одмори…

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски