Потреба е промоција на Охрид и охридскиот регион токму сега во овие месеци, што би овозможило поголема посета на домашни и странски гости во текот на целата година, а не само во текот на летните месеци. Промените не се на видно ниво во однос на тоа  што се може да се прави во овие месеци, анализирајќи ги последните години, така да на ова поле ќе треба да се работи многу повеќе и да се користат фондовите што ни ги дава Европа, да направиме што поатрактивна дестинација во сите четири сезони, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

Во однос на зимските месеци, не треба да  размислуваме за ски центри  со оглед на тоа дека Галичица е заштитено подрачје. Поентата е да го искористиме езерото да биде пловно да има нешто за туристите, да има спа центри во хотелите „Охрид град на спа“, сезоната да се означи од кога до кога е. Ние хотелите ги имаме, потребни се субвенции на пример во однос на енергијата за хотелите. Треба да се направи една добра анализа на пример што би значело Охрид да биде спа на годината во 2025 година. И како такво нешто да се изрекламира. Да има секој хотел по еден спа центар и да тргнеме од ова дека можеме многу да постигнеме со тоа, вели Блажевски.

Друга опција која исто така може да се разгледа е понуди со околните најблиски места каде може да се понудат скијачки центри на пример во Маврово, да може да се понуди превоз до Маврово за скијање секој ден, да се понудат забави по ноќни клубови, да се поврзат понудите. Но, ова е секако понуда која би важела за надвор од летната туристичка понуда.

Мора да се прави се за да бидеме што побезбедна дестинација и да очекуваме следнава сезона посетеноста на странските гости да биде поголема од минатата година. Да стигнеме барем до 70% од 2019 година. Со тоа би се вратиле на колосекот кој го имавме пред две години и секако многу е битна промоцијата, вели Блажевски.

Во делот од месеците јуни, јули и август или во поблиското минато кога имавме сезона од мај до септември, со Холандските гости, кога исполнетоста ја имавме во тие шест месеци, тогаш беше полесно да се доисполни остатокот на годината. Но, ако овие месеци се обработат слабо, неминовно е да има загуби на крајот од годината и едноставно целиот туризам да заглавува од година во година се повеќе и повеќе, додава Блажевски.

Н.С.Ј.