Потребата кај граѓаните на Охрид за ангажирање на негователи на стари лица е голема, па во оваа насока се зголемува и потребата од лица кои треба да се стекнат со сертификат потребен за извршување на овој работен ангажман.
Од Црвен крст Охрид велат има обучено одредена бројка на луѓе, но потенцираат дека во тек е конкурсот на кој можат да се пријават сите заинтересирани лица да ги следат обуките, да се стекнат со сертификат и да бидат работно ангажирани преку Нега центарот.
Моментално потребата на граѓаните на Охрид за користење на услугите на негователите на стари лица е навистина голема и имаме потреба од лица кои би сакале да ја работа оваа работа. Поголем е бројот на стари лица во градот, кои имаат проблеми, а сакаат да останат во сопствениот дом. Условите за работа се навистина добри. Црвен крст Охрид има склучено управен договор со Министерството за труд и социјална политика и надоместокот на ангажираните негователи се реализира преку Министерството. Негователите и личните асистенти добиваат месечни примања. Апелирам сите кои се заинтересирани, сакаат да работат и да помогнат на старите лица да се пријавата во просториите на Црвен крст Охрид, вели Ранко Раткушиноски, психолог во Црвен крст Охрид.
Организацијата, потенцира, е верифицирана за спроведување на две обуки за негователи на стари лица и за лични асистенти за лица со попречености.
Обуката за негователи на стари лица трае околу три месеци секој работен ден од понеделник до петок. Опфаќа теоретски и практичен дел кои ќе се изведуваат во просториите на Црвен крст Охрид, а дел од практичниот дел се надеваме ќе може да го реализираме во Геријатриското одделение во Охрид во соработка со Општата болница. Предавачи се доктор, медицинска сестра и социјален работник. Опфатени се повеќе теми кои ќе им го дадат целото знаење кои им е потребно за работа со старите лица. Сертификатот е издаден од страна на Министерството за образование односно Јавната установа за образование на возрасни лица и се работи за сертификат кој е меѓународно признат.
Во однос на ангажманот на негователите, посочува, дека во соработка со Центарот за социјални работи во Охрид по доставената потребна документација од страна на корисникот или член на семејството се изготвува решение во Центарот за социјални работи и според тоа решение се определува по колку часа ќе биде ангажиран негователот или личниот асистент.
Максимум часови кои може да се доделат за едно лице се 80 часови на месечно ниво или поделено по денови околу 4 часа дневно. Досега се одржани 5 обуки за негователи на стари лица и имаме ангажирано негователи преку Нега центарот кај лица кои имаат потреба од помош во домот. Моментално располагаме со одреден број негователи, а потребите се големи. Некои негователи одат и кај двајца клиенти, истакнува Раткушиноски.
Додава дека за лични асистенти досега се реализирани две обуки и лиценцирани 30 лица, од кои 17 се ангажирани со околу 20 корисници.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски