Меморандумот, ќе го потпишат директорот на Агенцијата за млади и спорт Драган Ѓурчевски, претседателот на МОК, Васил Тупурковски и претседателот на Атлетската федерација на Македонија, Цветко Грозданов.Со овој документ треба да се овозможи успешна реализација на проектот, кој е од исклучителна важност за развој на спортот во Охрид и Македонија.
Од АФМ најавуваат дека Охрид ќе добие најсовремена атлетска патека, која ќе овозможи градот да биде домаќин на разни атлетски натпреварувања од најголем карактер.
Поставувањето на патеката ќе се одвива во три фази. Прво ќе се уреди постојната патека, потоа ќе се извршат градежните зафати на стадионот, по што ќе следи нејзино поставување. Италијанската фирма „Мондо“ која ја постави атлетската патека за Олимпјадата во Пекинг ќе работи на поставување на патеката во Охрид. Постојната атлетска патека ќе претрпи одредени корекци, нивелирање, израмнување. Откако ќе се корегираат недостатоците “Мондо“ ќе започне со финално поставување на патеката кое е предвидено да заврши за 4 до 6 недели.
Охридската атлетска патека ги задоволува светските стандарди, а по реализацијата на овај проект вреден околу 500 илјади долари се очекува Охрид да биде домаќин на бројни атлетски митинзи и натпреварувања.