Јавното Обвинителство  на Република Македонија денеска во Охрид потпиша билатерални меморандуми за соработка со ЈО на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, во борбата против трансграничниот криминал, трговијата со луѓе и нелегалната миграција.

„Потпишувањето на овие меморандуми, на Јавните обвинителства во регионот ќе им обезбеди побрза и поефикасна соработка при размената на информации и документи кои се поврзани со кривичниот прогон на сторители на дела од областа на трговијата со луѓе“, истакна Државниот обвинител Љупчо Швргоски.

Тој појасни дека на овој начин се создаваат практични инструменти, кои на обвинителствата им овозможуваат надвор од дипломатските канали да остваруваат соработка, во делот на екстрадикции. Тој, притоа, го посочи актуелниот случај со контроверзниот бизнисмен Методиј Смиленски, за кој 10 месеци ЈО на Македонија нема добиено одговор.

„Со потпишувањето на овие меморандуми во иднина ќе можеме директно да бараме одговори од кои причини се доцни, или воопшто не се врши екстрадикцијата“, рече Шврговски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шврговски рече дека останува на изнесените забелешки во врска со предлог законот за ЈО и дека Министерството за правда треба аргументирано да одговори на нив.

„Најкрупна забелешка е предлогот за формирање посебно ЈО за гонење на сторители од областа на организираниот криминал и корупција, што според мене е недопуштено, бидејќи се нарушува уставниот концепт на единственост на органот, а се повредуваат и принципите на хиерархија и субординација врз кои што почива Јавното Обвинителство, рече Шврговски.

Заменик министерот за правда, Сашо Василевски, рече дека забелешките на Швргоски ќе бидат земени во предвид и дека во конечната верзија на законот ќе бидат вметнати и други забелешки, кои ќе произлезат од јавната расправа, а како што рече забелешки се можни и во текот на самат собраниска расправа.

Г.М.