Денес во Владата беа потпишани договорите за двата капитални проекти во Општина Охрид, изградба на спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“.

Договорите беа потпишани од страна на градоначалникот Кирил Пецаков и  министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Средствата за овие проекти се обезбедени преку децентрализација на буџетски средства односно со пренамена на 90 000 000 денари од централниот буџет од кои за спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец одвоени се 20 000 000 ден., додека за реконструкција и адаптација на нова училишна зграда на ОУ „Кочо Рацин“ во нова локација, 70 000 000 ден.

Амандманите за овие проекти беа поднесени од опозициските пратеници, но, едногласно изгласани од сите пратеници на Комисијата за финансирање и буџет, а потоа и на пленарната седница

Како што беше потенцирано од градоначалникот Пецаков кога амандманите беа изгласани, ќе следува отварање на наменски посебни сметки, трансферирање на средствата и со почетокот на наредната буџетска 2024 година тендерирање и почеток на градба.

Н.С.Ј.