Директорот на Центарот за развој на Југозападен плански регион, м-р Мирјана Лозаноска, денеска во Скопје, потпиша три договори за реализација на регионални проекти со кои ќе се решаваат енергетските и инфраструктурните потреби на општините, а ќе се набавува и опрема за комуналните претпријатија со цел да се подобри нивата ефикасност во извршувањето на услугите за граѓаните.
Директор на Центарот за развој на ЈЗПР, м-р Мирјана Лозаноска и директор на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи
Вкупната вредност на трите договори е 54 милиони денари и истите се обезбедени од националниот буџет преку Програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој за оваа и следната година. Во рамките на проектот за енергетска ефикасност, со 35 милиони денари, ќе се решаваат потребите на училишни објекти, градинки и други јавни објекти во Струга, Дебрца, Вевчани, Македонски Брод, Кичево, Пласница и Дебар, информираат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Со 12 милиони денари ќе се решава потребата од подобрување на патната инфраструктура на Вевчани и Центар Жупа. За набавка на опрема на јавните е претпријатија Водовод, Нискоградба и Дебрца ќе бидат наменети 8 милиони денари.
На денешното потпишување на договорите со сите центри на планските региони беа присутни и заменикот во Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, кои ја истакаа заложбата за зголемување на средствата за регионите, поголеми вложувања во внатрешноста на државата, но и оценка за успешноста на реализираните проекти.
OhridNews