Лидерите на трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија и домаќин на Самитот, Еди Рама, заедно со нивните тимови, денеска во Тирана потпишаа пет договори кои беа најавени на промоцијата на „Отворен Балкан“ во Скопје во јули оваа година.

Како трилатерални, меѓу владите на трите држави се потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.

Потпишани се и договорот меѓу владите на Северна Македонија и на Албанија за взаемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност (АEOС), како и договорот меѓу албанската и српската влада за заемно признавање на одобрените овластеи деловни субјекти (АЕОС).
На Форумот за земјоделство и регионална соработка, премиерот Рама рече дека со потпишувањето на договорите  „се отвора нова ера на Балканот“.

Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан ќе им овозможи на граѓаните од овие три земји слободно да се движат и да работат во земјите потписнички на договорот. Со одредбите од договорот се поедноставуваат процедурите за еднаков пристап до пазарот на трудот во регионот по примерот на ЕУ, со што се прави чекор повеќе кон прифаќање на вредностите и практиките во Европската Унија, стои во соопштението на Владата на Северна Македонија.

Оттаму укажуваат дека со Договорот за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан им се овозможува на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на овие земји преку креирање на електронска идентификација „Отворен Балкан“ остварување на можноста за пристап  до  пазарот на труд во трите земји, како и за други услуги од сферата на бизнисот и други области од заеднички интерес за граѓаните од регионот.

 

Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика ги уредува формално-правните аспекти на ова прашање, и ќе ја олесни  трговијата со живи животни, храна и добиточна храна од животинско, неживотинско и мешано потекло, растенија, растителни производи и други објекти и предмети, се посочува во соопштението.

За исполнување на одредбите и за ефикасност во остварување на придобивките од овие договори, денеска во Тирана се потпишани и билатералните договори меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на министри на Албанија, и меѓу владите на  Албанија и а Србија за взаемно признавање на одобренија за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност.

 

 OhridNews