Жители од месната заедница „Лагадин“, Еколошкото друштво „Лагадин“ и Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ иницираа декларација за зачувување на светското природно и културно наследство на Охрид. На декларацијата ставен е потпис од жители од месните заедници на Љубаништа, Пештани, Лагадин, Рача, Коњско, Далјан/Воска и Манастирот Св. Наум Охридски од Дебарско-Кичевската Епархија на МПЦ.
Потписниците на декларацијата сметаат дека Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“ кои се дел од Светското природно и културно наследство признаени од УНЕСКО се загрозени од проекти со кои се предвидува изградба на експресен пат, голем туристички ски-комплекс и несоодветна и штетна урбанизациија на голем дел од крајбрежјето и градот Охрид.
– Предложените измени во Планот за управување со Националниот парк Галичица, измените на Урбанистичките планови на Охрид, како и поедини одлуки за урбанизација со цел овозможување на реализацијата на овие проекти, претставуваат сериозна закана за одржување на биодиверзитетот и природната изворност на Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“ и го доведуваат во прашање нивниот статус на светско наследство. Заканата е потврдена дури и со Извештаите за Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за овие планови, каде што во дури 80% од заклучоците се вели дека негативното влијание врз биодиверзитетот, почвата и водите ќе биде неповратно, т.е. нема да може да се преземат никакви корективни мерки, тврдат претставниците на Месните заедници на Охрид.
Тие додаваат дека зачувувањето на областите со висока еколошка вредност од меѓународен карактер признаен од УНЕСКО е од суштинско значење и приоритет на Република Македонија загарантиран со Устав.
– Цврсто веруваме дека како надлежни институции не сакате да учествувате во деградирање на ова исклучително значајно богатство кое е под заштита на УНЕСКО. Апелираме до Вас да ги стопирате предложените измени на Планот за управување со Националниот парк Галичица и Урбанистичките планови на Охрид, како и поедини одлуки за урбанизација и да се повлечете од спроведувањето на овие проекти, стои во декларацијата потпишана од страна на месните заедници.
Декларацијата денес е испратена до сите носители на одлуки поврзани со заштитата на светското културно и природно наследство на Охрид. Месните заедници апелираат за што помасовна поддршка на Декларацијата од страна на јавноста.
OhridNews