Правилник за функционална проценка на децата и младите со попреченост беше потпишан денеска во Владата. Со него се регулира начинот на спроведување на функционалната проценка врз основа на Меѓународната класификација за функционирање (МКФ) и определувањето на мерките за дополнителна образовна и здравствена поддршка и социјална заштита на засегнатите деца и млади до 26 години.

Правилникот го потпишаа министрите за труд и социјална политика, за здравство и за образование и наука, Јованка Тренчевска, Беким Сали и Јетон Шаќири, во присуство на Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава, кој беше партнер во реализација на оваа крупна меѓуресорска реформа за лицата со попреченост.

Подготовките на реформата почнаа во 2012 година, конкретни чекори беа направени во 2019 со две пилот-стручни тела во Скопско, а во 2021 беше отворена првата служба за функционална проценка на деца и млади со попречености во состав на Здравствен дом Скопје.

Според новиот Правилник, на попреченоста не ѝ се приоѓа од медицинска дијагноза како досега и се напуштаат категориите за степен на попреченост во ментален или телесен развој и термините неспособност и неможност. Се тргнува од принципот на способноста и потребите на лицето што се соочува со некој вид попреченост, односно перцепцијата на она што не го може се заменува со перцепцијата на она што го може. Врз основа на таквата проценка ќе се одредува поддршката и услугите што му се потребни на засегнатото лице за негова инклузија во општеството.

Проценката ќе ја прават стручни тимови кои треба да се комплетираат во сите градови во земјава. Министерот за здравство Сали посочи дека задача на стручните тела за проценка е систематски да ги собираат достапните информации за детето и неговата околина и да применуваат процедури за мерење на функционирањето и за проценка на неговата основна здравствена состојба. Напомна дека родителите се ослободени од секаков вид трошоци за плаќање на проценката.

Од предвидените десет стручни тела, досега се отворени две во Скопје, едно во Битола, Гостивар и Струмица, а при крај е подготовката на нивно отворање во Штип, Велес, Охрид, Куманово и Делчево. Стручните тела досега реализираа 2001 проценка, а паралелно почнаа со издавање контролни проценки. Со заокружување на постапката на отворање на сите регионални стручни тела, се очекува многу поголем број извршени проценки кои треба да ги задоволат реалните потреби, истакна Сали.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани, посочи дека претходниот систем за проценка на попреченостите, базиран на медицинска дијагноза, бил неефикасен и водел до исклучување на многу луѓе од искористување на услугите што може да им го подобрат животот.

Новиот систем воведува важен елемент во транспарентност на процесот бидејќи родителите имаат активна улога во проценката на нивните деца. Исто така, им дава поголема моќ на родителите преку нудењето професионални совети за тоа како тие натаму може да ги поддржат своите деца. Ова претставува огромен напредок во споредба со претходниот систем кој се базираше исклучиво на медицинска дијагноза…, рече ДиЏовани.

Министерката за труд и социјална политика Тренчевска истакна дека приоритет е еднаквоста на лицата со попреченост и развивање на нивниот целосен потенцијал.

Затоа на прво место го ставаме препознавањето на јаките страни на овие лица и овозможување простор за развивање на нивниот целосен потенцијал. Стариот медицински модел на гледање на попреченоста не е веќе тренд, туку го земаме најдобриот интерес на лицата со попреченост… Попреченоста не ја гледаме како основ за дискриминација, туку како точка од која почнуваме да ја гледаме можноста, рече Тренчевска.

Соопшти дека се подготвува предлог-закон за единствен систем за проценка, со што овие лица само еднаш ќе треба да одат на проценка и со тоа мислење ќе може да пристапат кон сите права што законски им следуваат. Се планира и воведување професионална рехабилитација и работно оспособување за лицата со попреченост за тие да бидат вклучени на пазарот на трудот и да ги задржат нивните работни места.

Министерот за образование Шаќири рече дека новиот правилник овозможува да се конкретизира поддршката на учениците со попреченост во наставата, која со законите што ја пропишуваат е пошироко дефинирана, односно овозможува таа да се индивидуализира за секој ученик согласно неговите посебни образовни потреби.

Со новиот Закон за основно образование донесен пред две години беше воведена услугата образовен асистент. Од 500 минатата година, бројот на образовни асистенти кои работат на инклузија на децата со ппопречености во редовната настава е зголемен на 720 во оваа учебна година. Во фаза на изработка, рече министерот, е и новиот закон за средно образование, со што ќе се обезбеди целосна инклузивност во образовниот систем.

OhridNews