Зајакнување на капацитетот на локалната власт, пилотирање на неколку зелени, паметни и иновативни идеи кои се справуваат со локалните проблеми и овозможување на модуларност на интервенцијата со предвидување натамошна донаторска поддршка, како и економско закрепнување и максимално искористување на економските аспекти засновани на дигитално знаење предвидува проектот „Roads Not Taken: Municipality of Ohrid Going Green, Smart, Innovative (OHRID GO)“, кој е финансиран од страна на ЕУ преку програмата EU for Municipalities, за кој Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, денеска потпиша договорот за негова имплементација.
Главната нишка на проектот е санација на традиционално запуштениот простор на поранешната воена касарна, кој од локалната самоуправа е идентификуван како област со огромен потенцијал за одржлив развој, што е стратешки важно за идниот развој на Охрид. Најголем дел од објектите поставени како дел од проектот ќе бидат лоцирани во оваа област и најголем дел од активностите ќе се одвиваат таму. Визијата на општината е да ја трансформира оваа зелена и убава област, со над 20 хектари земјиште и стотици квадратни метри во 6 згради со традиционална индустриска архитектура во рекреативен и деловен центар на градот кој ќе привлече жители, посетители, инвеститори, како и иновативни бизниси кои даваат поттик на локалната економија и ги движат активностите од внатрешното јадро на центарот на градот, велат од општина Охрид.
Проектот ќе опфати намалување на отпечатокот на CO2 со воведување на алтернативни средства на урбана мобилност, односно зелен урбан систем – Smart City Bike System, за чија цел ќе бидат набавени 60 смарт велосипеди, кои ќе бидат поставени на 10 докинг станици (паркиралишта), со што населението и посетителите на иновативен начин, преку посебна апликација ќе можат да ги користат во градот и околината. Диверзификација на локалната туристичка понуда преку воведување зелени рекреативни соджини (Адреналински парк и Pump Up патека) и развој на локалната економија базирана на знаење преку формирање на Smart Ideas Hub како старт-ап центар.
Општината ја гледа предложената акција како чекор кон тоа да стане поспособна за спроведување на акции кои ја надминуваат изградбата на основната инфраструктура со што се задоволуваат потребите на „новата генерација“ на граѓаните и посетителите.
Воедно во рамки на проектот ќе биде изработена генерална физибилити студија со акционен план за долгорочен развој на поранешната касарна, која се предвидува да прерасне во технолошко-рекреативна зона. Исто така, со цел унапредување на претпримништвото и локалната економија, во новоформираниот старт ап центар, предвидени се голем број на обуки и менторства во насока на развој на практични вештини потребни за развој на старт ап бизниси.
Севкупно, проектот ќе го зајакне капацитетот на општина Охрид да стратегизира, планира и имплементира иновативни, паметни и зелени решенија за локалните развојни предизвици кои се во согласност со приоритетите на ЕУ.
Вкупната вредност на проектот изнесува 716.766,00 eвра, а партнери на проектот се Општина Воден од Грција и Стелар Солушнс од Скопје.
OhridNews