Министерството за животна средина и просторно планирање МЖСПП и МЈП „Проаква“ – Р.Е. „Водовод“ Охрид, потпишаа договор со кој на јавното претријатие му се доделува грант од 2 милиони денари од програмата за вода за 2019 година.

Како што веќе информиравме, добиените средства ќе бидат употребени за поставување контролни и регулациони шахти на територијата на Општина Охрид, со што, како што истакна директорот на „Водовод – Охрид“ Владимир Алексиески, во голема мера ќе се откријат загубите во системот и ќе се врши регулација на протокот, со што, пак, ќе се подобри водоснабдувањето во целиот град. Истовремено ќе се намали потрошувачката на електрична енергија за испумпување.

Ова е втор грант што во текот на оваа година го добива „Водовод“ Охрид. Првиот во вредност од 20 милиони денари јавното претпријатие го доби за реализација на проект за подобрување на водоснабдителните системи во руралните подрачја од Агенцијата за рурален развој. За овој проект „Водовод“ Охрид аплицираше преку Локалната самоуправа.

OhridNews