Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, во Охрид оствари работна средба со инвеститори од САД, заинтересирани за проширување на нивните активности во македонската економија. На средбата која е дел од стратегијата на Комората за вмрежување на компаниите и инвеститорите, присуствуваа и претставници на менаџментот на „Македонија2025“ Вера Ставроф и Никица Мојсоска – Блажевски и директорот на „Костал Македонија“ Охрид, Виктор Мизо.
На состанокот биле презентирани инвестициските потенцијали на нашата држава во сферата на телекомуникациите, патната инфраструктура, автомобилската индустрија и фармацијата.
Патната инфраструктура, винската индустрија и телекомуникациите, односно новата 5G технологија, се сегменти со висок потенцијал, бидејќи се уште не е достигната презаситеност. Во однос на пазарите, македонскиот пазар е мал, меѓутоа самата местоположба на Северна Македонија во центарот на Балканот, која граничи со две земји од Европската Унија, а имајќи го предвид фактот дека секоја соседна земја има многу поголема популација од нашата и со сите нив имаме воспоставено стабилни трговски релации, овозможува производите произведени во Македонија да се извезуваат на еден многу поголем балкански, па и европски пазар. Воедно, статусот на членка на НАТО и започнувањето на преговорите со Европската Унија претставуваат одличен стимул за странските инвеститори за да инвестираат индивидуално или преку инвестициони фондови во развиените индустриски гранки. – вели претседателот на Стопанската комора Азески.
Американските инвеститори имаат претходни искуства со инвестирање на Балканот и ги разгледуваат можностите во неколку балкански земји. Преку „Македонија2025“ и Стопанската комора на Македонија, во текот на нивниот деловен престој во државава ќе им бидат овозможени средби со клучните компании од различни сектори, на кои инвеститорите ќе може да добијат јасна слика за состојбата и да направат правилна одлука во однос на натамошните инвестиции. Тие викендов престојуват во Охрид каде ја посетија фабриката на „Костал“.
Г.М.