Состојбата со пожарот на планината Галичица вечерва и натаму е сериозна. Постои можност пожарот на Галичица да се спушти кон пониските делови на планината и да ја загрози високата шума од страната на Преспанското и Охридското Езеро, информира Центарот за управување со кризи по хеликоптерското извидување на теренот.

Пламените јазици се на сртот од планината на албанска и македонска страна. Гори ниска вегетација во граничниот појас, главно сува трева, грмушки и ниска деградирана ретка шума.

Карактеристично за овој пожар е силната експлозија што се слушнала попладнево, а за која се претпоставува дека е предизвикана од активирање на огнот, експлозивна направа, мина или друг вид експлозивно средство, остаток од борбите што се воделе на ова подрачје во балканските или Првата светска војна. – соопшти ЦУК.

Од Главниот штаб за управување со кризи велат дека дополнително ќе одлучат на кој начин ќе се гасне овој пожар, ставајќи ја на прво место безбедноста на екипажот на хеликоптерите и безбедноста на луѓето кои ќе учествуваат во гаснењето на пожарот од земја.

Врвот Магаро и неговата околина во моментов не се безбедни за искачување, велат од ЦУК.

Пожарот започна на планината Галичица, на албанската територија. Екипите на Националниот парк „Галичица“ и граничната полиција се на терен. Според информациите на РЦУК Охрид, пожарот со помош на ветерот преминал на македонска територија кај граничен камен F-9. Стручните лица од институциите вклучени во следење на состојбата сметаат дека е неопходна интервенција од воздух, бидејќи теренот е непристапен и опасен поради присуство на неексплодирани убојни средства од почетокот на минатиот век. Такво барање попладнево беше испратено до Главниот штаб на ЦУК од страна на Националниот парк Галичица и Граничната полиција, но засега изостанува воздушна поддршка во гасењето на пожарот на Галичица.

Г.М.

Пожарот на Галичица се шири на македонска територија, ветрот неповолен, ситуација загрижувачка