По повод прераната смрт на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, до неговото семејство и до Општина Охрид, постојано пристигнуваат телеграми со сочувство, од државниот врв, политичките партии, од академскта заедница и меѓународните претставници во Република Македонија и бројни граѓани и пријатели.

Со жалење ја примив веста за прераната смрт на професорот Јован Стојаноски, градоначалник на општина Охрид. Од мое лично име и од името на моите соработници, упатувам искрено жалење и длабоко сочувство до сите членови на неговото семејство и неговите пријатели.

Нека почива во мир. –

Арбен Таравари – Градоначалник на Гостивар

Ужалено семејство на проф. д-р Јован Стојаноски
Длабоко не потресе веста за заминувањето на Вашиот Јован.
Беше наш драг пријател и соработник.
Ве молам да ги примите изразите на нашето искрено сочувство.

Претседател на МАНУ
акад. Таки Фити

Во овие тешки моменти на голема болка и тага, се надевам дека ќе најдете сила за утеха во значајноста на делото што зад себе го остави Јован Стојаноски, како во науката, така и во дострелите во раководењето со општина Охрид. Нека делата што ги остави зад себе бидат водилка за сегашните и идните генерации преку својата работа да создаваат успеси и да ја градат сопствената, но и иднината на Охрид и на Република Македонија.

Александар Кирацовски

Ген. секретар на СДСМ

Го познавав Јован уште од детство. Ги делевме школските клупи во исто основно и средно училиште. Бевме и комшии и долгогодишни пријатели. Го дочекав во градоначалничкиот кабинет при примопредавањето на функцијата. Имавме мошне срдечен разговор. Си спомнавме за многу моменти од детството и младоста. Му посакав успешен градоначалнички мандат. И беше успешен. И беше впечатлив. За жал на сите нас, заврши пребрзо . Но беше успешен и во својата професија како професор , а и како советник во градскиот совет. Својата одмереност, ненаметливост и внимателнист ја споделуваше и пренесуваше на охриѓани како универзална човекова вредност. Негуваше исклучително високо ниво на политичка култура и традиционални општествени вредности. Охрид и охриѓани изгубија многу повеќе од добар, коректен и успешен човек.

Никола Бакрачевски,
Поранешен градоначалник на Охрид

OhridNews