Синдикатот на Управата за јавни приходи (УЈП) постигна договор со раководството за исполнување на нивните барања. Договорот е постигнат со посредство на медијаторот Илија Манасиев. Детали засега нема, но она што го бараа вработените е почитување на колективниот договор и зголемување на платите за 30 проценти.

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денеска во емисијата „SummerClick“ на ТВ21 кажа дека договорот е постигнат во петокот и најави дека вработените ќе добијат зголемување на платите.

Во петокот беше потпишан колективен договор меѓу синдикалната организација и УЈП и беше добиено позитивно мислење од Министерството за финансии, рече Лукаревска.

Во изминатиот период вработените во УЈП протестираа и најавија генерален штрајк. За помирувач првично беше назначен Лазар Јовевски кој побара иземање затоа што не беше во државата, по што на негово место беше назначен Илија Манасиев.

OhridNews