Возачот на Брзата помош кој почина по несреќата во Кочани, а превезе голем број пациенти ќе биде постхумно одликуван, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам, изјави Таравари.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите дека инфаркт имал уште еден возач на Брза помош, Таравари рече дека таква информација во Кризниот штаб досега немаат.
И од Владата доцна синоќа ја негираат информацијата која се појави на одредени портали дека уште еден шофер на Брзата помош во Кочани доживеал удар и апелираа да не се шират дезинформации со кои се вознемирува јавноста.
Н.С.Ј.