Во саботата камбаните на црквата „Св. пр. Илија“ во охридското село Елшани го означија отворањето на постхумната изложба на фотографии од прерано починатиот македонски фотограф Атанас Талевски (1954 – 2008). Времето на отворањето на изложбата се поклопува со првата годишнина од смртта на уметникот кој низ светот беше сметан за амбасадор на македонската култура и сигурно беше најпознатиот македонски фотограф чии дела остануваат да ги красат ѕидовите на бројни семејни домови и институции ширум светот.

Во тремот на црквата „Св. пр. Илија“ беа претставени 30 фотографии кои се само еден мал дел од богатото творештво на авторот кој зад себе ќе остави длабок печат во историјата на македонската фотографска уметност, како со својата богата активност така и со својот препознатлив стил на фотографирање и јавно настапување. Во биографијата на Талевски ќе останат запишани бројни настапи на групни изложби и десетици самостојни изложби во Република Македонија, како и ширум Европа (Албанија, Германија, Финска, Русија, Србија, Холандија, Чешка, Швајцарија…) и САД.

Атанас Талевски е роден во Велес, но во 1990 година како постојано место на живеење го избира градот Охрид. Меѓувремено голем дел од животот минува патувајќи низ разни земји на Европа, Азија, Африка и на крајот во САД. На сите свои патувања со себе го носи и својот најверен пријател и сопатник – фотографскиот апарат. Долго време своите фотографии ги прикажува пред тесен круг пријатели и познати лица. Потоа во 1996 година ја започнува серијата изложби во разни градови на Република Македонија и повеќе европски земји. Кариерата ја завршува со неколку изложби во САД. Незаборавна е неговата скромна фото галерија во неговиот дом на брегот на Охридското Езеро која со години беше омилено одредиште на бројните љубители на фотографската уметност кои го посетуваа градот Охрид.

Изложбата ја организираа Институтот за традиционални вредности од Охрид и здружението „Евла 2009“ од Елшани во соработка со црковната управа на црквата „Св. пр. Илија“.

Ohridnews