Општинските инспекциски служби од  денес ќе вршат засилена контрола, за проверка на начинот и условите под кои се поставува урбаната опрема. Од локалната самоуправа потенцираат дека за сите прекршители на законската регулатива нема да има толеранција.

Против сите субјекти кои немаат одобрение, а имаат поставено маси и столици пред угостителските објекти на јавна или приватна површина, како и против оние чие одобрение не соодветствува со фактичката состојба и одобрениот проект, ќе следат соодветни прекршочни пријави. Потсетуваме дека за првпат оваа година, на иницијатива на градоначалникот Никола Бакрачески, а со цел да се излезе во пресрет на сите заинтересирани субјекти и да се воспостави потребниот ред во оваа дејност, уште во декември 2014 година на седница на Советот на општина Охрид, беше донесена програмата за поставување урбана опрема за 2015 година, со одлуки за зоните и висината на цената за краткотраен закуп на градежно земјиште и висината на комуналната такса. Ова од причина, да има доволно време за подготовка и прибирање на потребната документација, велат од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека нема да се дозволи профитирање на сметка на граѓаните, а општинските служби експедитивно ќе одговорат на сите нови барања кои се во склад со донесената програма и важечките одлуки.

OhridNews