Општина Пустец постави патокази и табли на македонски јазик, што претставува прва негова службена употреба во сообраќајната сигнализација во Албанија, јавува „Макфакс“.
 
Имињата на населените места и институциите се испишани на албански јазик, како и на македонски на кирилица и латиница.
 
Станува збор за девет патокази, табли за деветолетката, болницата, здравствениот дом и гимназијата, 56 табли за улици и 11 плоштади во девет населени места во општина Пустец, донирани од скопската општина Гази Баба.
 
„Поставувањето на таблите и имемнувањето на населените места на македонски јазик, покрај албанскиот, е од огромно значење за Македонците во Општина Пустец, но и за Македонците во Албанија и пошироко во регионот. Со ова Општина Пустец стана првата општина надвор од Република Македонија во која во службена употреба во патната сигнализација е и македонскиот јазик“, вели Васил Стерјовски, заменик-градоначалник на Пустец во изјава за „Макфакс“.
 
Улиците, плоштадите и институциите во општината носат имиња на значајни личности и настани од македонската историја, како и на значајни личности од историјата на македонската заедница во Албанија. Имињата се одобрени од Општината Пустец, со дозвола на Префектурата Корча.

OhridNews
извор: „Макфакс“