Капетанијата на пристаништата започна со поставување на пловидбени знаци, односно информативни табли на брегот на Охридското Езеро по целата линија од Радожда до Св. Наум, како и на бови кои ќе служат за сигнализација во вода.

-На брегот ќе бидат поставени 179 знаци и ќе бидат обновени светилниците во Охрид и Св. Наум, каде ќе бидат поставени најсовремени светла по последната технологија. Нов светилник ќе биде поставен и во Струга. Можеби немаме таква пловидба за која е потребен светилник за навигација, меѓутоа светилникот е симбол на секое пристаниште и негов неизоставен дел.-изјави раководителот на Капетанијата Горан Устијаноски.

Деновиве зачестени се ракциите од граѓани дека наводно биле поставени знаци за забрането капење на пристаништата во Охрид, Св. Наум и на некои пристапни мостови, но тоа според Капетанијата е во согласност со правилата кои се применуваат насекаде.

-Ако некаде не треба да има капачи, тоа е секако е околу пристаништата или пристапите каде испловуваат и впловуваат бродовите и чамците, а исклучиво заради нивна безбедност. Пристаништата се места каде се маневрира со бродови и чамци и може да дојде до повреди и несакани последици по самите капачи. Затоа апелираме тие знаци да се почитуваат и од тие што пловат и од капачите.-истакна Устијаноски.

Раководителот на капетанијата изрази очекување дека ќе се почитува сигнализацијата на Охридското Езеро, која е поставена врз основа на студија која ја изработиле стручни служби. Во тек е и постапка за поставување на радари, за што се издвоени средства од буџетот, а останува само да се спроведе законската процедура за набавка на потребната апаратура.

-Со радарите ќе може да се снима целата површина на Охридското Езеро. Тие ќе служат пред се за потребите на Капетанијата. Некогаш имаме потреба од лоцирање на изгубени лица и пловни објекти, детектирање на пловила на места на кои има забрана за пловидба и.т.н..-рече Устијаноски.

Охридските бродари го поздравија поставувањето на пловидбена сигнализација на Охридското Езеро. Според нив тоа ќе биде од голема корист за сите.

– Ќе ги ограничи помалите пловни објекти каде да се движат, со што ќе им се олесни движењето на поголемите пловни објекти.-рече Зоран Гилески, сопственик на бродовите „Александрија“. Тој додаде дека бродовите во минатото многу често се среќавале со неодговорни капачи на пристаништата, а капачи сретнувале и сред езеро каде тие пловат со голема брзина.

Во Република Македонија во моментов се регистрирани 1530 пловни објекти, од кои 500 на Охридското Езеро но нивниот број постојанио се дополнува заради процесот на легализациоја кој е во тек, информираат од Капетанијата. Оттаму посочуваат дека дисциплината и сообраќајната култура се подобруваат од година во година, а со поставување на бовите дополнително ќе се зголеми сигурноста како на учесниците во водниот сообраќај, така и на капачите.

Г.М.