Поставени две кутии со хартиени пепелници – мини рачни корпи за отпад, на две локации од Охридското крајбрежје, во рамките на проектот “Зелена младина – Зелена иднина”, на Здружение Клуб за нуркање АКВАТЕК Охрид.

Остатоци од стотици испушени цигари, секојдневно завршуваат во песокот на Охридското крајбрежје, а многу често и во езерската вода, велат од Здружението.

Еден од најзагрижувачките аспекти на загадувањето од отпушоци е неговото влијание врз подводниот жив свет. Не само што го загрозуваат живиот свет под вода, туку и ја уништуваат естетиката на нашите сакани плажи. Рачните корпи за отпад или хартиени пепелници се еколошко решение со цел спречување за понатамошно загадување на бреговите и плажите од отпушоци од цигари, како и од ситни отпадоци: гуми за џвакање, пластични лажички, пластични обвивки за храна итн., потенцираат.

Проектот “Зелена младина – Зелена иднина”, на Здружение Клуб за нуркање АКВАТЕК Охрид се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2, која е финансирана од Delegation of the European Union, Skopje, а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации UNDP MK. Проектот “Зелена младина – Зелена иднина” е кофинансиран од Општина Охрид.

OhridNews