Стотици граѓани со знамиња во рацете и со патриотски песни го проследија получасовното подигнување на споменикот популарно наречен „Александар Македонски“.
„Горда сум што денеска тука ве има во многу голем број, што дојдовте да го посетите споменикот на кој работев со години и се надевам дека кога ќе биде комплетиран со сите пропратни фигури ќе се покаже вистинската слика. Горда сум што ова ќе остане во македонско наследство за сите генерации“, изјави авторката на споменикот Валентина Стевановска.
За градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски кој го проследи поставувањето споменикот, ова е значајно, како за историјата на Македонија, така и за развојот на туризмот.
Бронзената скулптура „Воин на коњ“ е висока 13 метри поставена на постамент со височина од 10 метри. Скулптурата е поставена на мермерна фонтана која заедно со осумте лавови и воини и со сите пропратни елементи како озвучување и светлосни ефекти се очекува да биде завршена до септември.
Споменикот се лееше во леарниците „Фердинандо Маринели“ од Фиренца. Целиот проект чини околу 9,4 милиони евра.
извор: Makfaks