Камен темелник на спомен куќата на Тоше Проески беше поставен денеска во Крушево. Во присуство на голем број обожаватели на прерано починатата музичка ѕвезда, темелите ги освети поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
Во спомен куќата што ќе се гради на површина од околу 870 метри квадратни во форма на крст, ќе бидат поместени работи, и предмети кои ја одбележаа кариерата на Тоше. Идејното решение е на Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски во соработка со Илија Божиновски, а изградбата ќе чини 2,5 милиони евра. Средствата ги обезбеди Владата, а се очекува спомен куќата да биде изградена за една година.
Камен темелникот на спомен куќата на Тоше е поставен на еден ден пред 28-от роденден на прерано починатата ѕвезда.