Синоќа во Галеријата при Куќата на Робевци пост-хумно беше отворена изложбата „Корени“ од Драган Гулицовски. Во суштина, „Корени“ претставува прво изложување на уметникот во родната Македонија, а мотивите опфатени во неговите ликовни творби се тесно поврзани со убавините на Охрид, старата градска архитектура и езерото.
Преку 51-едниот изложен експонат, љубителите на уметноста имаа можност да се запознаат со творечкиот опус на Гулицовски, во кој се применети низа техники, од негување примарна уметничка форма како цртеж, графики, колорит, масло на платно и акварел.
„Идеата за оваа пост-хумна изложба се реализира после долго време и ете конечно во оваа прилика се создадоа услови со помош на кустосот Никола Николоски и НУ Завод и Музеј – Охрид, кои ни го отстапија прекрасниот атрактивен простор во Куќата на Робевци. Покрај сите техники кои ги работеше паралелно, најголемата ангажираност му беше изработката на службени портрети, но од технички причини истите не успеавме да ги донесеме тука и да ги изложеме.“ – истакна неговата ќерка Алберта Гулицовска, која заедно со својата мајка се јавуваат како организатори на изложбата.
Како што потенцира Гулицовска, изложбата „Корени“ го заокружува творечкиот опус на авторот, кои многумина го доживуваат како акварелист и сликар на воздухот, транспарентното и прозирното.
„Исто така, присутно е и маслото како медиум во кој се изразува, а не му е непознато ниту вајарството, бројните бисти по приватни колекции работени по порачка. Силната животна енергија и страст кон животот, забележливи се и во неговите дела.“ – потенцира Гулицовска.
Таа додава дека неговите дела се полни со распон на емоции, кои на моменти се екстремни и неумерени, во кои надвладува рационалната цензура и овозможувачка силна, на моменти силна експресија.
„Опчинетост и фасцинација со природата и нејзината неприкидна способност за трансформација, психолошки преобразби и промени на расположенија на ликовите кои верни ги пренесувал, претставуваат непресушен извор на инспирација. Неоптеретен и слободен, сигурен и дрзок потег без компромиси се главните одлики на неговото творештво.“ – додава Гулицовска.
Драган Гулицовски(1938-1993) е роден во Октиси, Струга. На возраст од осум години неговата фамилија се сели за Јабука, Војводина. Дипломирал ликовна педагогдија 1961-ва година во Белград. Најголемиот период во животот го поминал во Вршац, Војводина, за последните две години да ги помине во Охрид. И токму делата од послениот циклус се и најзастапени. Познат и признат надвор, но не и во неговата матична земја, по 20 години од неговото заминување оваа изложба е воедно и негово прво претставување на македонската јавност.
Педагошката работа од почетокот на кариерата, по кратко време ја заменил со дизајнерска, ангажиран од различни компании. Низа години паралелно, интензивно соработувал со КОВ(книжевна општина Вршац), Градскиот музеј Вршац и многу други. Учесник е на бројни уметнички колонии и изложби, како групни, така и индивидуални низ Србија и странство.
Инаку, уметничките дела на Гулицовски ќе бидат изложени до 5-ти идниот месец.
О.Т.