По долго и тешко боледување, во 51 година од животот завчеравечер во Скопје, почина познатиот актер и директор на Драмскиот театар, Бранко Ѓорчев.
Тој во својата богата 3- децениска кариера оствари бројни главни и споредни улоги во врвни домашни претстави во матичниот театар и во сите театарски институции во државата. Беше исклучително популарен актер, а неговиот глас во изминатите неколку години го позајмуваше во познатите серии што се емитуваат на националните телевизии. Бранко Ѓорчев беше чест гостин во Охрид. Во една прилика во 2010 година интервју со него реализираше новинарката Ангела Белеска, кое беше објавено во рубриката „На кафе со…“ во весникот „Охридски Новини. Наместо збогум за големиот актер, преку ова интервју се потсетуваме на големиот актер Бранко Ѓорчев.
На кафе со...
Бранко Ѓорчев- познат македонски актер и актуелен директор на Драмскиот театар во Скопје
„Како дете се заглавив и сеуште не се одглавив од театарот“
Еден од најпознатите македонски актери и актуелен директор на Драмскиот театар во Скопје, Бранко Ѓорчев, за себе велидека е едноставен човек кој ужива во сопствената професија и целосно се посветува на неа. Среќен го прават обичните работи, семејниот ручек, прошетката сонајблиските низ градскиот парк во неделните пред пладниња и пиењето кафе во кафулињата на улица “Македонија“ во Скопје.
“Нормално дека успешноста кај актерите не може постојано да биде на највисоко ниво. Некогаш дури се добри паузите кога не се работи ништо со намера да се наполни “акумулаторот“ за потоа да се направи некоја поголема улога“, вели Ѓорчевкој за својот 30-годишен актерски ангажман е добитник на бројни награди и признанија. Моментално тој е актуелен и по популарната турска серија “1001 ноќ“ што е синхронизирана на македонски јазик. Во неа Бранко го позајмува својот глас за познатиот бизнисмен Онур Аксел
1.Кога бев дете себе си се замислував…
-Ни самиот не знам зошто но кога бев дете себе си се замислував како келнер. Моите родители се смееја на тоа и стално ме прашуваа зошто сакам да сум токму тоа а јас им велев: тие се убаво облечени, во црни сакоа и бели кошули и имаат многу голем паричник полн со пари(ха, ха, ха….), тоа сум го забележал и така таа професија ми останала како една сенквенца од детството. Нормално после тоа излегоа многу други професии за да се идентификувам со актерството како моја животна професија.
2.Зошто ја избравте глумата и одлучивте на “театарските штици“ да го ситните работниот век а не избравте нешто друго?
-Па одлуката првично беше поради фамилијарниот момент. Мојот покоен татко беше еден од првенците на македонскиот театар и некако покрај него татарот живееше кај нас дома. Јас уште од мали нозе додека живеевме во Куманово одев во театарот со татко ми каде тој беше режисер и актер а беше и уметнички директор на театарот. Всушност гледав каде и како работи тој, се качував на сцената кога ќе завршеше претставата. Стално раскажувам една случка дека по завршувањето на една од театарските претстави јас ја ставив главата во процепот од еден од столовите на кои седеше публиката. Си ја заглавив главата, и стално велам дека јас во суштина никогаш не сум се одглавил од тоа театарско столче. Секогаш останав заглавен во театарот.
3. Моето посериозно зачекорување во глумата беше……
-Како популарност, нормално телевизијата е медиум кој е неприкосновен во однос на побрза комуникација со публиката. Тогаш се прикажуваше една серија „Случки од животот“ и тка наеднаш во таа серија како студент на Факлултетот за драмски уметности стекнав огромна популарностТоа како на секој млад човек ме изненади, а потоа следеа улоги во театарот. Ја имав таа привилегија и среќа уште како млад да работам со познати имиња со Харис Пашовиќ,Вито Тауфер,Петар Вечек и со редица домашни режисери. Сето тоа си почна постепено до мојата зрела фаза на актер како што сум сега.
4. Кој период од Вашиот професионален ангажман го оценувате како најуспешен?
– Секој период по себе е интересен. Нормално дека успешноста кај актерите не може постојано да биде на највисоко ниво. Некогаш дури се добри паузите кога не се работи ништо со намера да се наполни “акумулаторот“ за потоа да се направи некоја поголема улога. Меѓутоа за мене последниве 10 години се плоден период во поглед на доста награди и признанија кои за сработеното сум ги добил. Меѓу наградите ќе ги спомнам: Наградата “Војдан Чернодрински“ што ја добив за епизодна улога. Како млад актер добив награда од тогашната ревија “Екран“ и награда што ми е особено драга и е врзана за Охрид “Златна маска“ а ја добив за најдобар актер на фестивалот Охридско Лето. Последнава награда ми е драга затоа што ја добив на меѓународна културна манифестација а секогаш конкуренцијата на меѓународен план е поголема.
5. Вие сте познат актер со долгогодишно искуство, директор на Драмски театар во Скопје, сопруг и татко. Во која улога најдобро се снаоѓате?
-(ха,ха, ха…) Па некако не знам. За тоа треба да ги прашате луѓето околу мене. Сигурно и тие прават голема жртва. И сопругата и децата знаат дека сум многу предаден на театарот. Се обидувам да стигнам, а тогаш кога не можам да ги реализирам фамилијарните обврски, членовите на потесното семејство имаат разбирање за тоа бидејќи тие знаат колку јас ја сакам оваа професија. Некогаш ако не стигнам на некоја родителска средба или сум отсутен во друга пригода тоа ми е простено поради тоа што тие знаат колку сум јас посветен на она што го работам.
6. Дали вашите деца ќе тргнат по патот на тато? Може ли да очекуваме трета генерација актери од фамилијата Ѓорчеви?
-Јас имам две ќерки, Дорина и Фросина. Поголемата сега е втора година на Правниот факултет. Пред запишувањето во оваа високо образовна институција размислуваше и беше во дилема што да избере како своја животна професија.“Тато јас би сакала да бидам актерка“, ми велеше таа. Во една прилика јас и кажав дека сепак ова е една доста тешка професија која има многу падови и успони. Дека можеби за млад човек е подобро да заврши некој друг факултет па доколку остане љубовта во истиот интензитет тогаш може да се запише на Факултетот за Драмски Уметности па таа љубов да се реализира. Сега за сега е на Правниот факултет. Помалата ќерка е втора година гимназија. Битно е дека јас ниту ќе ги мотивирам кон театарот но и во никој случај нема да ги спречувам доколку сакаат да станат актерки.
7. Неодамна Драмскиот театар од Скопје гостуваше во Охрид со претставата “Умри Машки“ од Алдо Николај во режија на Коле Ангеловски. Главната ролја беше во ваши и рацете на актерите Јелена Жугиќ и Драган Спасов – Дац. Филмските критичари позитивно го оценуваат настапот на сите тројца и велат дека како актерска екипа доста сте придонеле за уште поголема популарност на оваа комедија.
– Изведбата на претставата во Охрид беше 112-113 по ред. Оваа претстава ја сака публиката. Истата ја игравме во Канада, во Австралија и низ градовите на Македонија. Публиката живее и некако и ние созревавме со неа. Можеби на почетокот кога беше премиерата бевме помлади. Но така некако полека ни легнаа и самите улоги, се идентификувавме со нив и по самите реакции на публиката ќе видите дека го прифаќаат она што го работиме.
8. Се приближува 50-то јубилејно издание на фестивалот “Охридско Лето“. Ќе ја имаме ли честа годинава во рамки на оваа манифестација да гледаме претстава од Драмскиот театар од Скопје?
-Годинава за Охридско Лето ја имаме договорено претставата “Хамлет“ од Вилијам Шекспир. Да се работи Хамлет во еден театар значи дека тој театар го достигнал врвот во своето работење. Претставата е во режија на Дејан Пројковски а главната улога Хамлет ја игра Дејан Лилиќ. Јас го играм кралот. Драган Спасов- Дац го игра Полоне а Катерина Коцевска ја игра кралицата. На сцената ќе продефилира екипа од 15-ина пред се млади актери и убеден сум дека ќе биде нтересна и за охриѓани, за туристите и за театарската критика. Во Охрид, Драмски театар секогаш убаво поминувал и сигурен сум дека и овој пат на јубилејното “Охридско Лето “ ќе го побудиме истиот интерес.
9. Имаат ли Македонците чувство за театар? Што вели вашето искуство,има ли доволно публика која покажува интерес и сака да одгледа театарска претстава?
-Мислам дека ние сме театарска нација со самото тоа што во толку градови во Македонија има театри а сепак сме ние мала земја и мала бројка на народ. На пример во големите држави и градови на два милиони жители му доаѓа еден или два театри. Ние пак имаме околу 14-15 театри што само по себе укажува дека Македонската нација е театарска. Условите за работа кај нас се одредени во зависност од местото каде претставата се случува. Некаде има подобри а некаде полоши услови за работа. Некаде публиката е повеќе навикната на театар некаде помалку, меѓутоа оваа мисија што ја правиме и таму во градовите каде што нема театар има свое значење и ќе донесе свој бенефит.
10. Во популарната турска серија “1001 ноќ“, што е синхронизирана на македонски јазик Вие го позајмувате својот глас за Онур Аксел, познатиот бизнисмен и еден од сопствениците на компанијата “Бињапи “. Ова е прв проект на синхронизирање на странски филм на македонски јазик. За среќа публиката одлично ја прифати синхронизацијата.
-Да, точно така. Познатата и доста популарна турска серија “1001 ноќ“ е првиот проект со кој преку синхронизацијата настојуваме да го негуваме македонскиот јазик. За среќа се заврши одлично. Публиката ги прифати нашите гласови одлично. Јас го позајмувам гласот среќен за Онур Аксел, сите ние кои зборуваме во серијата се соживувавме со филмското сиже со цел кажаното да биде сосема природно и прифатливо за сите. Народот веќе го препознава мојот глас, па често се случува во продавница или кафуле да ги слушнам коментарите од луѓето од типот на: “Еј, ова е Онур – тоа е неговиот глас“. Секако тоа ми причинува задоволство, со оглед на тоа што станува збор за современ фил во кој се разработуваат теми и проблеми карактеристични за современиот човек.
11. Работи кои Ве прават среќен?
-Мене ме прават среќен навидум обичните работи. Ме прави среќен хармонијата во семејството, бидејќи сепак целата енергија што ја “црпам“ за на сцената и за решавање на проблемите што ги имам како директор и менаџер на драмски театар доаѓа од семејството, од најблиските. Тие мали нешта, еден пријатен ручек во кругот на семејството и едно пријатно шетање низ градскиот парк (обично во недела) ме чини среќен. Среќен сум и кога пијам кафе во некое од кафулињата на улица Македонија или пред Летница. Тоа се можеби ситници, но мене ме исполнуваат и ми создаваат хармоничен баланс .
Македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија е годинашниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за...
Триесеттина познати уметници од земјава и странство во наредните две недели ќе творат во живописното Вевчани Тие се дел од 13 ликовна колонија „Вевчански видувања“, која свечено беше отворена синоќ...
На денот на последниот концерт на Тоше Проески, 5 октомври, вечерва на Гумење ќе се одржи концерт „Со љубов за Тоше“ Пред спомен куќата „Тодор Проески“, во Крушево, на вториот по ред концерт ќе нас...
Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.
Строго неопходни колачиња
Строго неопходното колаче треба да биде овозможено во секое време за да можеме да ги зачуваме вашите параметри за поставките за колачиња.
Ако го оневозможите ова колаче, нема да можеме да ги зачуваме вашите параметри. Ова значи дека секогаш кога ќе ја посетите оваа веб-локација ќе треба повторно да ги овозможите или оневозможите колачињата.