Британскиот таблоид „Њуз оф д`ворлд“, чии сопственик е медиумскиот магнат Рупер Мердок, кој со месеци се наоѓа во центарот на скандалот со телефонски прислушкувања, денеска го отштампа последното издание под наслов „Благодарам и збогум!“.

Уредниците на таблоидот решија во последното издание да ги потсетат читателите на најсензационалните вести кои на таблоидот му донесоа огромна популарност.

„По 168 години со жалење велиме збогум, но и со многу гордост им го кажуваме тоа на нашите верни читатели кои ги има околу 7,5 милиони“, се наведува во воведниот дел на текстот.

Претходно е најавено дека последното издание ќе биде отштампано во пет милиони примероци.

Таблоидот со месеци беше во центарот на скандалот поврзан со прислушувањето на телефони. Од 2000 година прислушкувани биле познати личности, но според најновите сознанија прислушкувани биле и роднините на убиените војници во Ирак и Авганистан, како и роднините на жртвите во терористичкиот напад во Лондон. Овие откритија предизвикаа општо незадоволство.

Полицијата наведе дека биле прислушкувани околу 4.000 луѓе, меѓу нив имало политичари, членови на кралското семејство и познати личности.

OhridNews
извор: „Макфакс“