Филмот на охридскиот режисер Илија Пиперковски, „Последниот Македонец – патот до истребување“, работен во продукција на познатата новинарка Снежана Лупевска-Созен, вечерва, 31- ви октомври, премиерно ќе биде прикажан во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 20 часот.
-Филмот “Последниот Македонец – патот до истребување“ преку факти и докази ја пренесуваа приказната за крвопролевањето, за поделеноста на македонскиот народ, за разделените семејства, моќта на соседите, желбата за уништување на Македонија, распарчена на многу делови. – изјави за OhridNews режисерот Пиперкоски.
Главните улоги во филмот ги толкуваат: Сашко Коцев, Ненад Начев, Славиша Кајевски, Зоран Љутков, Рубенс Муратовски и Биљана Драгичевиќ-Пројковска.
-Овој филм го работевме три години со амбициозна екипа и многу скромен буџет, но филмот го работевме со љубов за да пратиме порака со која би престанале поделбите меѓу македонците, порака за подобра иднина на нашите деца, за поголемо меѓусебно разбирање и со желба да не ни се повторат работите што ни се случиле пред сто години, кога сме биле на раб на истребување. – додава Пиперкоски.
Филмот „Последниот Македонец – патот до истребување“ охридската публика ќе може да го види и на 1-ви, 2-ри и 4-ти ноември со почеток во 20.00 часот.
Влез 100 денари.
Г.М.