Последниот недовршен филм на култниот американски актер, режисер, писател и продуцент Орсон Велс ќе биде првпат јавно прикажан следната 2015 година по повод одбележувањето на стогодишнината од неговото раѓање, објави филмскиот магазин Variety, пренесува „Макфакс“.
Орсон Велс го снимал филмот „Другата страна на ветерот“ во периодот меѓу 1970 и 1976 година, но продолжил да работи на него до својата смрт во 1985 година.
Според американските медиуми, правата на филмот ги откупи калифорниската продуцентска куќа „Royal Road Entertainment“. Со тоа всушност заврши долгата правна битка околу правата на филмот во која учествуваше и ќерката на Велс која ги чуваше 1.083-те ролни со снимен материјал во складиште во Париз. Во правниот спор беа вклучени и партнерката на уметникот Оја Кодар и една иранско-француска продукциска куќа.
Филмот ќе почне да се прикажува на 6-ти мај 2015 година по повод стотата годишнина од раѓањето на Орсон Велс. Улогите ги толкуваат Џон Хјустон, Сузан Страсберг, Лили Палмер, Денис Хопер и Питер Богданович. Станува збор за сторија за прославата на 70-от роденден на филмскиот режисер Џејк Ханафорд чиј лик го толкува Џон Хјустон и кој се обидува да се врати на пазарот на филмската индустрија.
Орсон Велс во 1942 година го освои Оскарот за сценарио за филмот „Граѓанинот Кејн“, а во текот на животот напишал повеќе од 50 сценарија за филм и за телевизија, а има режирано и повеќе од 40 филмови.
OhridNews
извор:„Макфакс“