Здружението на граѓани за целосна афирмација на МПЦ, „Богојавление“ ги прави последните подготовки пред верскиот празник Водици, кога традиционално со фрлањето на чесниот крст ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро.
Годинава кумови на манифестацијата се Никола Дуданов, Игор Балески и Антонио Бојаџи, кои на „фаќачот“ на чесниот крст ќе му подарат сребрена реплика на крстот кој се фрла во водите на езерото, опкована со злато, вредна 3500 евра.
фаќачот на чесниот крст ќе добие реплика вредна 3500 евра
Помали реплики на чесниот крст ќе им бидат врачени и на неколку членови на УО на „Богојавление“ по повод пет годишнината откако ова здружение со амин на Дебарско-кичевската епархија ја организира манифестацијата по повод Водици.
И годинава големиот верски празник ќе биде пропратен со богата културно-уметничка програма, а директен пренос од Водици во Охрид ќе врши А1 телевизија.
Се очекува во водите на Охридското Езеро да запливаат околу 400 млади кои деновиве се пријавуваат за фаќање на чесниот крст. Организаторите најавуваат дека ќе сторат се’ верскиот празник Водици и годинава да биде одбележан достоинствено.
Г. Момироски