Во текот на летната туристичка сезона, во Охрид туристите доаѓаат со  околу 10.000 патнички и други моторни возила што заедно со околу 20.000 моторни возила и околу 3.000 моторцикли сопственост на жители на  Охрид, претставува огромна и динамична  фрекфенција низ охридските сообраќајници. Од тука, според СВР Охрид, повеќе од неопходни се поцелосни анализи и преземање мерки за подобрување на целокупниот амбиент под кои се одвива сообраќајот во градот и приградските населби, постигнување врвна безбедност на локалните патишта и улици посебно во централното градско  подрачје, отстранување на евидентираните ,,тесни грла,, и соодветни сообраќајно-технички зафати, уредувања на одредени сообраќајни и пешачки површини, доведување во функционалност на целокупната хоризонтална и вертикална сигнализација по коловозите,  сообраќајниците и пешачките зони. Посебно посочени се т.н ,,времени објекти,, во зоната на раскрсниците, кои сериозно ја намалуваат прегледноста и ги загрозуваат пешаците и другите учесници во сообраќајот.

Заради обезбедување оптимални услови за безбедно и уредно одвивање на сообраќајот во Охрид посебно во текот на претстојната туристичка сезона, СВР Охрид денес организираше работен состанок со претставници на Локалната самоуправа, јавните претпријатија, инспекциските служби при одредени Министерства, на такси и другите  автопревозници, стопанственици и други надлежни и експонирани структури во креирањето на сообраќајната политика во градот.

Целта на состанокот беше конкретизирање на мерки насочени кон подобрување на условите за безбедно одвивање на сообраќајот на локалните патишта и сообраќајниците низ градот, примена на квалитетни сообраќајни решенија, сузбивање на сообраќајната деликвенција, елиминирање на неповолните состојби и начини за подобрување на сообраќајната  инфраструктура на сообраќајниците.

На состанок била презентирана фото документација на сегашната состојба на одделни места (тесни грла во градот) со предлог мерки за подобрување на условите за одвивање на сообраќајот. Во тој контекст СВР Охрид најави дека сообраќајната полиција ќе продолжи со примена на зајакнати мерки кон сите прекршители на одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.  

Ohridnews