Одржана последната седница на крајот на мандатот на советниците во Советот на општина Охрид. Споделени беа впечатоците за изминатиот четири годишен мандат. Едногласни се дека изминативе четири години имале високо ниво на меѓусебно почитување и комуникација, а повеќето одлуки ги носеле со мнозинство од сите советници.

Овој состав на Совет се покажа како еден од најдобрите совети, со добри дискусии, рационални, плодни и што не најважно се задржа едно високо ниво на меѓусебно почитување и комуникација, рече градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески.

Донесовме одлуки за формирање на ново ЈП, решавање на колекторот. Донесовме одлуки кои беа во интерес на граѓаните. Често пати знаевме да изградиме консензус, како опозиција и власт. Немаше шанса овој Совет да донесе некоја одлука под притисок. Поминавме едне период кој што беше турбулентен за градот. Искуството е непроценливо, после 4 години кога ќе се вратиме назад многу добро знаеме какви одлуки би донеле, но не мислам дека сме донеле некакви крупни грешни одлуки. Советот направи еден значаен исчекор во функционирање на советите во иднина, додаде Георгиески. 

Советничката Гордана Коњаноска во своето обраќање истакна дека Советот кој во својот четири годишен мандат, иако делуваше во исклучително вонредни околности, успеа да го одржи нивото на меѓусебна комуникација помеѓу владеачкото мнозинство во Советот и опозицијата.

Како опозиција поддржавме многу одлуки кои беа важни за градот. Го поддржавме формирањети на ЈП Колектор и рестартот на новото општинско ЈП Водовод Охрид, ги поддржавме одлуките кои значеа помош за охриѓани во справување со Ковид пандемијата во форма на различни одлуки за субвенционирање на различни категории на граѓани во Охрид. Ги поддржавме и сите одлуки кои значеа спроведување на препораките на УНЕСКО, коишто беа во надлежност на Советот. Се надевам дека ова ќе остане една пракса која ќе продолжи и во иднина независно од тоа кои советници ќе седнат во овие клупи и кој ќе формира мнозинство. Сепак ги напуштаме овие советнички клупи во услови кога Охрид е сеуште општина со блокирана сметка и ако многу значителен износ на парични средства од буџетот на државата, беа пренесени на сметката на општината со цел да се помогне процесот на раздолжување. Овој процес не го заокруживме на начин на кој сакавме сите. Не успеавме да донесеме доволен број на урбанистички планови. Остнаа ЈП да бидат горлив проблем за решавање на идната локална самоуправа. Факт е дека не ги оставаме во подобра состојба од онаа во која ги затекнавме. Од одредени објективни, можеби и субјективни причини не започна големиот проект за реконструкција на кејот, сеуште немаме јасна идеја што ќе правиме со марината и со огромниот број на пловни објекти коишто се оставени без трајно решение. Советот не отвори дебата за теми кои можеби не се во дирекна надлежност, но можеше да се дискутира и да се донесат заклучоци кои на некој начин ќе претставуваа притисок на централната власт да решава одредни многу важни проблеми поврзани со животната средина, заштитата на езерото, рече Коњаноска. 

Претседателката на Советот, Живка Ангелоска, истакна дека како Совет имале исклучително тежок мандат, со загубата на градоначалникот Стојаноски, најдени во вонредни околности функционирале за да обезбедат непречен тек на работата на општината, потоа следеа пандемијата, УНЕСКО. Имавме мандат во кој проблемите само се таложеа, додава Ангелоска.

Сепак мислам дека во овие четири години, направивме многу и создадовме една поинаква пракса. Се случуваше одредени одлуки од предлагачот и градоначалникот да не бидат донесени, со што покажавме дека можеме да имаме и различно мислење и да ја развиваме демократијата. Носевме тешки одлуки во време на пандемија, направивме силен чекор во раздолжување на општината и во обезбедување на финансиската стабилност. Носевме програми каде вложувавме за помодерна инфраструктура, во образование, во спорт. Економично и рационално ги користевме средствата. Сепак сметам дека тоа што не разликуваше од другите совети е нашата консолидарност и одлуките кои ги носевме со мнозинство од сите советнци. Тоа е нашето главно обележје на овој Совет. Со тоа праќавме и една порака до граѓаните дека проблемите се заеднички за сите, дека секој од нас живее во оваа општина и дека секој од нас сака подобри услови за живот. Само за заедништво може да се дојде до просперитет и напредок.

Н.С.Ј.