Невремето проследено со обилни врнежи од дожд што вчера ја зафатија земјава предизвика проблеми во повеќе региони, информираат од Центарот за управување со кризи.

Регионалниот центар Охрид известува за излевање на реката Треска, во месност Бучаво кај раскрсницата за с.Староец (општина Вранештица). Поплавени се незасадени ниви од Староечко и Бигордолненско Поле.

 Во демирхисарскиот регион има излевање од коритото на Црна Река кај селото Света. Поплавена е помала земјоделска површина од десната страна на реката, каде коритото не е регулирано.
   
Надојдените води на Кратовска и Крива Река го урнаа мостот на Крива Река кај базата на ГП Маврово, на локалниот пат меѓу селата Кетеново и Куклица во кратовскиот регион. Заради рушењето на мостот децата од с.Куклица не се во можност да ја посетуваат наставата во училиштето, кое се наоѓа во с.Крилатица.