Кандидатите за претседател на државата и за градоначалник на Охрид, Дебар и Ново Село, денеска ќе ја завршат предизборната кампања пред одржувањето на првиот круг од претседателските и вонредните локални избори за градоначалник во трите општини, што ќе се одржат во недела 21 април.

Карванот на СДСМ завршниот митинг ќе го одржи вечерва на плоштадот во Охрид, со почеток во 20.30 часот. Пред охриќани ќе се обратат кандидатот за градоначалник Константин Георгиески, кандидатот за претседател Стево Пендаровски и лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.

Кандидатот на за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ Митре Милошевски, последниот ден од кампањата ќе го искористи за претставување на својата програма преку неколку прес конференции на различни локации во градот.

Михаил Трендафилов Нанче, кандидат за градоначалник на Охрид од ГДУ, исто така, најави завршна прес конфернција на која ќе ја сублимира предизборната кампања.

Со средби со граѓани и предизборни активности кампањата денеска ќе ја завршат и кандидатите за градоначалник Стевче Стевоски од Демократи и Џемал Мена од БЕСА и Ајанса за Албанците.

Предизборната кампања завршува вечерва на полноќ, кога на сила стапува предизборниот молк, кој ќе трае до завршување на изборите во недела во 19 часот.

OhridNews