После секој пообилен дожд делови од Охрид пливаат во вода. Со децении најдрастичен е примерот со улицата „Дејан Војвода“ во народот позната и како „кај поплавенине“. Но, веројатно на градските власти тоа многу не им значи, бидејќи ниту поминуваат тука ниту некој „битен“ живее на оваа улица, велат резигнирано жителите од „Дејан Војвода“. Како потсетник тие ни испраќаат фотографија снимена при последниот дожд.
ул. „Дејан Војвода“ после секој дожд плива во вода
За граѓаните од оваа улица несфаталиво е зошто проблемот и по толку години не се решава, а особено се лути што на самиот почеток од улицата на влезот од булеварот „Туристичка“ стои табла дека улицата е реконструирана со средства од локалната самоуправа. Дури и во книгата што градоначалникот ја издаде по повод две годишнината од мандатот има идилична слика од ул. „ Дејан Војвода“ велат нејзините жители. А, во реалноста од улицата се асфалтирани педесетина метри до пералната „Крле“ и ништо повеќе, додаваат тие, прашувајќи ја општината кога конечно ќе се сети на „обичните“ граѓани од „Дејан Војвода“.
Г.М.