Кон крајот на мај ќе дојде до корекција на цената на комуналиите за градежно неизградено земјиште, и зонирањето на градежните зони, најави локалната самоуправа. Според најавите на градоначалникот Петрески комуналиите во одредени зони како централното градско подрачје можеби ќе се зголемат и за 100 отсто, додека во други зони ќе има сосема мали корекции.

-Една од причините за корекција на комуналиите е и проблемот со ЕВН, затоа што по сегашните цени делот од комуналиите за струја е повисок од вкупната цена на надоместокот за градежно земјиште, истакна градоначалникот Петрески.

Тој посочи дека измени треба да има и во зонирањето бидејќи Рача и Пештани се уште се третират како рурални средини, а се работи за атрактивни населби.

-Според мене Пештани и Рача треба да се третираат како прва зона, а измени се потребни и поради промените во законот за градба со кои се предвидува градбата по добивањето на дозволата да почне во рок од 2 години, што е долг период, додаде Петрески.

Според него со измените во ценовникот за комуналии се прави обид за дестимулирање на градбата во централното градско подрачје кое е преизградено, за сметка на стимулација на градбата во другите делови од градот.

-Друг начин освен преку корекција на цената на комуналиите немаме, рече Петрески, појаснувајќи дека корекциите во најголем дел се однесуваат на колективната градба. Тој објасни дека општината има подготвено работна верзија на измените на цените за комуналии која им е предадена на советниците.

Првиот човек на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, појаснува дека со предлог програмата за наплата на надомест за градежно земјиште во општината се предвидува зголемување од околу 30 отсто.

-Програмата е донесена во 1997 година и оттогаш наваму нема никаква корекција без оглед што во градежната сфера има многу промени во условите на стопанисување. Производната вредност  тогаш е пресметувана на 250-350 евра, меѓутоа денеска производствената цена на метар квадратен станбена површина се движи од 350 до 400 евра. Сега се врши усогласување бидејќи 23 отсто се зема како основица за пресметка на средства за уредување на градежното земјиште, вели Арнаудоски.

Тој објаснува дека производната вредност на станбена површина денеска е меѓу 350-400 евра, а продажната вредност во Охрид се движи од 800 до 1500 евра по метар квадратен. Според него со корекцијата на цените на комуналиите нема да запре градбата во Охрид, туку само реално ќе се пресметуваат давачките.

– Се што е предвидено со важечките урбанистички планови ќе се реализира по утврдената цена за уредување на градежното земјиште. Сметам дека нема да има намалување на градбата бидејќи градот е поделен на 6 зони, а корекцијата на цените на комуналиите ќе ја подобри финансиската кондиција на градот. Соодносот на производната и продажната цена е 1:3. Има простор и да се гради и да има профит, но не може да е тој 300 отсто, рече Арнаудоски.

Надоместокот за комуналии за градежно земјиште во Охрид сега се движи од 1280 до 10 850 денари за метар квадратен.

Горан Момироски