Новиот Закон за гробишта кој на сила ќе стапи на 15 јануари 2009 година, ќе ги зголеми цените на погребалните услуги за 30-40% и ќе предизвика бројни компликации, предупредуваат членките на Асоцијацијата на јавни комунални претпријатија кои со децении стопанисуваат со гробиштата во општините. Законот  е дискриминаторски во еден дел и затоа поведовме иницијатива за испитување на уставноста на овој закон, вели Сашо Алче, комерцијален директор во ЈП „Охридски Комуналец“.


– Со овој закон се пропишува дека вршител на една активност-управување на гробишта,  не смее да врши погребални услуги и обратно, што ни дава за право да се посомневаме дека овој закон е усогласен со европските закони, затоа што во ЕУ нема дискриминации во изборот на дејноста, вели Алче. Тој посочува дека новиот закон ќе ги поскапи цените на погребалните услуги по повеќе основи. „Граѓаните ќе бидат задолжени да плаќаат нова давачка – годишен надоместок за одржување на гробните места. Исто така, се укинува и наменското осигурување со кое граѓаните кои со години го плаќаат овој надоместок во сметките за комуналии, добиваа бесплатни погребални услуги“, вели Алче. Сега ние ќе треба на граѓаните да им ги враќаме парите, а што е уште полошо,  тие во најтешките моменти ќе мора наеднаш да издвојуваат и по 30.000 денари за погребални услуги кои до сега ги добиваа бесплатно, додава Алче.


Иако во изминатите години ЈП „Охридски Комуналец“ на неколку наврати извршило откуп на земјиште за проширување на градските гробишта, според новиот закон за да управува со истото тоа ќе треба да плаќа надомест на државата. Сосема е нелогично ние да плаќаме концесија за користење на сопствено земјиште, објаснува Алче. Тој наведува дека Законот е во спротивност и со обичаите на верските заедници и ќе предизвика сериозни проблеми. „Според член од овој закон погреб се врши најмалку 24 часа по настапување на  смртта, што е спротивно на обичаите кај муслиманите кои вообичаено починатите ги погребуваат истиот ден“, вели Алче.


Асоцијацијата на јавни комунални претпријатија своите забелешки ќе ги изнесе пред претствниците на владата на средбата  што треба да се одржи кон крајот на овој или на почетокот на наредниот месец, но Алче се сомнева дека тие ќе бидат уважени. Од искуството во изминатите години се сомневам во тоа, бидејќи до сега ниту еднаш како јавни претпријатија не сме биле прашани за ништо кога се донесувале законски одредби кои се однесуваат на нашето работење, а доколку и овојпат тоа се повтори, примената на новиот Закон за гробишта навистина ќе предизвика сериозни проблеми, завршува Алче.

Горан Момироски