Дизелот од ноќеска на полноќ поскапува за 2,5 денари, а цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за два денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,54 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 90 денари за литар, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе се продава за 86, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 85 денари за литар. Со одлуката на РКЕ не се менуваат цените на ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС и тие и понатаму остануваат 90,5 денари за литар, односно 47,304 денари за килограм.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,795 отсто, кај дизелот за 4,08, кај екстра лесното масло за 3,408 и кај мазутот за околу 0,562 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот, пак, во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,475 отсто.

OhridNews