Им се укинува солидарното осигурување на 160 пензионерки од Охрид  кои немаат работен стаж, а осигурувањето им го плаќаа нивните сопрузи. Вака одлучи Здружението на пензионерите од Охрид и Дебрца на шестата редовна седница.

Пензионерите денеска се договорија дека од Нова година кога ќе започне запишувањето на огревно дрво, ќе настапат со нова цена, како резултат на поскапувањето на огревното дрво во јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Галичица“. Така, цената за еден просторен квадрат  дабово дрво ќе чини 2.555 денари, а за еден метар просторен  бука ќе се плаќа по 2 472 денари.

Уште еднаш беше разгледана можноста за изградба на Дом на пензионери во Охрид, која се  разгледува години наназад.

Градоначалникот Александар Петрески им вети на пензионерите од Охрид и Дебрца дека општината ќе прави напори да го изгради долгоочекуваниот објект, а како што рече, според него и натаму соодветна локација е населбата „Далјан“ во близина на  хотелот „Магнус“.Петрески кажа дека има заинтересирани инвеститоори, но треба точно да се утврди локацијата. Според него, доколку би се почнала изградба во првите месеци од 2009-та, Домот на пензионерите би бил готов до крајот на годината.

Ohridnews