За кратко време после отворањето на галеријата на восочни фигури „Мадам Тисот“ во Берлин, еден посетител му ја откинал главата на најпознатиот експонат, фигурата на Адолф Хитлер.

Сторителот, 41 годишен посетител на музејот, е уапсен веднаш по инцидентот, изјавил портпаролот на полицијата во Берлин.


После повеќемесечни контраверзни реакции, посетителите завчера во новоотворената галерија имаа прилика да ја видат восочната фигура на поранешниот германски канцелар и водач на таканаречениот „Трет рајх“, Адолф Хитлер.

Управата на берлинската подружница на лондонската галерија на восочни фигури, која вратата за широката публика ја отвори во саботата, реагираше на предупредувањата од јавноста, па воведе посебни мерки кои се однесуваат исклучиво за фигурата на Адолф Хитлер.