„До крајот на оваа деценија Хрватска ќе стане членка на Европската Унија- ЕУ, а наредно тоа ќе го направи Република Македонија, по што процесот на проширување на ЕУ ќе продолжи понатаму, затоа што во интерес на Европа е југоисточниот дел од континентот да биде стабилен“, изјави денеска во Охрид, Берндт Поселт, координатор на пратеничката група на ЦДУ  од Германија и член на комисијата за надворешна  политика  на Европарламентот.

Тој на покана на министерот за надворешни работи и носител на кандидатската листа на коалицијата „За подобра Македонија“ во 5-та ИЕ, Антонио Милошоски, учествуваше на трибината посветена на евроинтеграцијата на Македонија.


Берндт Поселт

Европарламентот во април со големо мнозинство позитивно го оцени напредокот на Македонија и препорача утврдување датум за преговори, а надеж дека тоа ќе се случи наесен  искажа и комесарот за проширивање, Оли Рен, со кого неодамна  разговарав, рече Поселт. Тој истакна дека точен датум кога земјата може да очекува прием во ЕУ не може да се даде, но рече дека најбитно е до крајот на годината Македонија да добие датум за преговори, по што се’ ќе зависи од брзината со која ќе се одвиваат преговорите. „Сметам дека тоа брзо ќе оди затоа што земјата е добро подготвена, се прават неопходните реформи, и мислам дека тоа ќе се случи во првата половина од наредната деценија, во 2012 или во 2014 година“, рече Полселт.


Германскиот европарламентарец смета дека спорот за името со Грција е вештачки и нема да го попречи влегувањето на Македонија во ЕУ. „Сигурен сум дека оние кои сега ја бликираат Македонија на патот кон ЕУ и НАТО ќе се срамат од тоа“ рече Поселт. Тој смета дека секоја држава сама треба да одлучи како ќе се вика а другите тоа треба да го почитуваат и респектираат. По втората светска војна во поранешна Југославија постоеше република која се викаше Македонија и не може сега  да се попречува нејзиното интегрирање затоа што станала независна и демократска земја, додаде Поселт. Зачленувањето на Македонија во ЕУ е толку логично и никој не може тоа да го спречи рече германскиот европарламентарец, Бернд Поселт. Тој искажа жалење што Македонија во Букурешт не доби покана за членство во НАТО, додавајќи дека поместувањето на рокот не значи откажување на поканата. Убеден сум дека за многу краток рок Македонија ќе стане дел од НАТО, рече Поселт.


Во врска со предизборните инциденти, Поселт рече дека тие нема многу да и штетат на Македонија бидејќи малку за нив се чуло во меѓународната заедница, но упати апел да се подржат напорите на владата за евроинтеграција на државата, која како што рче не смее да биде загрозена заради некои инциденти.

Министерот Милошоски рече дека во последните денови изборниот процес влезе во задоволителна рамка и дека државата ќе направи се’ тоа така и да остане, а малите инциденти на почетокот , како што рече, да бидат санкционирани. Милошоски во заедничката изјава за медиумите со европарламентарецот Поселт, истакна дека до крајот на годината ќе завршат преговорите за безвизен режим и дека од наредната година македонските граѓани ќе патуваат слободно во Европа.

ohridnews