Законот за заштита на правата на пациентите што е во собраниска процедура и се очекува да биде донесен до крајот на годинава ќе им овозможи поголема заштита на пациентите. Во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување во Охрид денеска беше  презентирана инфотеката која им дава детални информации на осигурениците за нивните права, но и за  услугите во  доменот на здравството.

„ Како организација, заклучивме дека граѓаните не се информирани за нивните права. Овој систем од информации ќе им понуди  цел список лекови кои се на позитивната листа, ќе ги информира кои ортопедски помагала се на товар на Фондот и колку треба да партиципираат пациентите за нив, потоа какви документи се потребни за рефундирање на парите од  лековите на позитивната листа, кои права ги имаат при лекување во странство, како да се стигне до бањското лекување и слично“, вели Татјана Тасевска, правен советник во Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Системот информации ќе биде достапен на веб страниците на Организацијата на потрошувачи и на Фондот за здравствено осигурување, а во хард-верзија ќе го има и во подрачните единици на Фондот. Презентацијата ја организираа Организацијата на потрошувачите, Фондот за здравствено осигурување, како и друштвото за услуги и консалтинг БСЦ-ЕСТЕК, а идејата  е исцрпена од Германија, каде што ваквиот начин на информирање на пациентите се практикува повеќе од 20 години.

Законот за заштита на правата на пациентите, по  неговото усвојување, ќе биде прв од ваков вид во Македонија. Досега, правата  од областа на здравството беа дисперзирани во  Законот за здравствено осигурување и во Законот за здравствена заштита. Со новиот Закон, ќе се отвори можност за формирање на државни и општински комисии составени од експерти, претставници на Организацијата на потрошувачи и други институции кои ќе бидат задолжени за разгледување на поплаките на пациентите.

Во Фондот за здравствено осигурување, се надеваат дека, многу скоро,  по конституирањето на новиот парламентарен состав, ќе биде донесен и Законот за лекарите.

Александра Ристоска