Општинскиот инспекторат ги предупреди сопствениците на угостителските објекти дека оние субјекти кои нема да се придржуваат на Законот за бучавост ќе бидат санкционирани.
На терен е ангажирана посебна екипа која ќе врши постојано мерење на бучавоста во населените места, велат од општинскиот инспекторат. Оттаму напоменуваат дека постои целосна забрана за изведување на музика во живо на летните тераси во населено место.
Инспекторатот очекува сопствениците на угостителските објекти да ја прилагодат гласноста во своите објекти на пропишаното ниво, во спротивно како што велат, ќе се изрекуваат соодветни мерки кои се законски утврдени.
Со новиот закон за бучава што неодамна го усвои Парламентот како што веќе пишуваше ohridnews, бучавата во текот на денот во Охрид ќе се регулира на три нивоа. Еден период е од 7-19ч, другиот е од 19-23ч, а третиот период е од 23 до 7 ч наутро. За секој од овие периоди ќе важат посебни ограничувања на дозволена бучава.
Надзорот врз бучавата покрај државните инспектори ќе го врши и полицијата, кои покрај пријавите ќе имаат право и да затвораат објекти кои произведуваат бучава поголема од дозволената.
Се зголемуваат и казните кои се во согласност со новиот закон за прекршоци, според кој предвидена е глоба за прекршување на законот за бучава во висина од 3000 до 5000 евра.
Г. Момироски