Поради одржувањето Самитот на Претседатели на држави од Југоисточна Европа од денеска 30.04.2008 година до 03.05.2008 година, во Охрид на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.За време на движењето на делегациите, на одредени патни правци и сообраќајници, привремено ќе биде ограничено движењето со моторни и друг вид возила, по што ќе продолжи  нормалното одвивање на сообраќајот, информираат од Секторот за внатрешни работи -СВР Охрид.
 
Имајќи го во вид значењето на Самитот, како и  потребите на граѓаните, СВР Охрид апелира возилата да се употребуваат само кога тоа е неопходно. Заради непречено одвивање на сообраќајот, се молат граѓаните да ги отстранат паркираните возила од сообраќајните  и  други површини  во непосредна близина на Булеварот ,,Туристичка“, „Македонски Просветители“,„ Кирил и Методи“, „Самоилова“, „Коста Абраш“ и „Кузман Капидан“.

Итните и непланирани потреби на граѓаните од  овие населени   простори потребно е да се пријават во Локалната самоуправа или во СВР Охрид, соопшти полицијата.   

Поголемиот дел од делегациите ќе пристигнат утре на охридскиот аеродром. Во Охрид нив ќе ги пречека домаќинот на самитот, македонскиот претседател Бранко Црвенковски кој денеска ќе ги соопшти организациските детали за најголемиот политички самит кој некогаш се случил во земјава.

ohridnews