Со портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ ирскиот пеот Гевин Бредли и македонскиот Димитар Башевски денеска продолжува програмата на 62. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.
Во рамките на програмата предвидени се и поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, изложба „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, како и традиционалните Ноќи без интерпункција.
На Струшките вечери на поезијата поетски читања ќе имаат поетите од платформата Версополис, а ќе бидат промовирани и антологиите „Меѓу дрвјата“ и на најмлада македонска поезија.
Манифестацијата почна вчера со традиционалното садење дрво на добитникот на „Златен венец“ познатиот македонски поет, писател и кижевник Влада Урошевиќ во Паркот на поезијата и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата.
Во овој живот полн со предизвици, поезијата е чувствотворност што нè разликува во оваа ера на бесчувствителна роботизација, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на фестивалот пренесувајќи ја пораката од лауреатот Урошевиќ да читаме поезија да го одложиме тоа многу потажно, побездушно, поздодевно време.
И го одложуваме, и вечерва и тука, со сета почит кон пишаниот збор, вткаен во безвременски стихови било да се тие напишани на парче хартија стуткана во џебот или во инспиративна поетска осама на некое посебно место. Едно од тие посебни места е и нашата Струга. На „Мостовите на поезијата“ се сретнаа и Истокот и Западот. Токму тука, каде што сѐ уште боли „Т ́га за југ“, дополни Костадиновска Стојчевска.
Ехото на Миладиновци, нагласи, дека е присутно и денес и оти од година во година е сè погласно, продолжено со Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори.
Од светската престолнина на поезијата, поетско послание испрати поетот Милован Стефановски посочувајќи дека стиховите се зраци што светат, оти песните го возвишуваат духот и сите што искрено ја сакаат поезијата неминовно ги поседуваат и врвните човекови доблести.
А ехото на брановите, и во времето што надоаѓа, нека нè потсетува дека непроценливите вредности на нашиот струшки поетски фестивал треба со пиетет и грижливо да ги чуваме, домаќински да ги негуваме и со заеднички сили да ги надградуваме истовремено како наша гордост и како светска културна придобивка, порача Стефановски.
Споредувајќи ги Струшките вечери на поезијата како препознатлив знак за Струга, како што е Нобеловата награда за Стокхолм, Светскиот саем на книгата за Франкфурт, Филмскиот фестивал за Кан, Биеналето за Венеција…, токму Струга, нагласи, е светска поетска престолнина за светски признати мајстори на поетската реч, изговорена на многу јазици.
Навраќајќи се на почетоците на создавање на фестивалот кој само за неколку години станал светска поетска манифестација, подвлече дека некогашната сентенција „Сите патишта водат во Рим“ уште кон крајот на шеесеттите години на минатиот век била пресликана во модифицираното значење дека за поетите од сите меридијани во последната недела од август „Сите патишта водат во Струга“.
Фестивалот ќе биде затворен в недела со врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мосотви на Струга“ на манифестацијата „Мостови“.
OhridNews