Синоќа во катедралната црква Света Софија во Охрид се одржа портретот на полскиот поет Адам Загајевски, добитник на „Златниот венец“ 57-те Струшки вечери на поезијата. За ликот и делото на Загајевски беседа одржа проф. д-р Лидија Танушевска.

„Адам Загајевски пишува поезија и есеистика во духот на филозофската и културната ерудиција, а неговата лирика со сигурност може да се опише со категориите на современиот класицизам. Наместо јаични игри се служи со т.не „семантичка прозрачност“, бидејќи самиот смета дека најважната одлика на поезијата е смислата, а не обликувањето на јазикот…Добро е што полската поезија го има Адам Загајевски. Неговиот бел стих, длабок и рафиниран, насочен кон читателот, допира до многу луѓе во светот. Тој е амбасадор на полската поезија и тоа онаа, како што велат „Полјаците“ од „највисоката полица“. Денес, Загајевски е пред се’ поет на убавиот, импресионистички и симболичен израз, преку кој сака да ги дофати различните аспекти на човековиот бит“ – истакна во својата реч проф.Танушевска од катедрата за славистика при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Секој кој пишува поезија знае дека тоа е несовршен труд. Само будалите се среќни со себеси. Дозволете да ја прифатам оваа прекрасна награда и да не заборавам на сопствената несовршеност, да не заборавам дека моето патување сè уште не завршило – го започна своето обраќање годинашниот струшки лауреати, Загајевски.

„Свесен сум дека моето присуство тука не се должи само на мојот сопствен труд, не само на тие кратки моменти на просветление кои ја создаваат основата на секоја уметност, туку се должи и на моите прочуени претходници во областа на полската поезија. Сите тие не биле крунисани тука, но сигурен сум дека сите се присутни оваа вечер во Струга, Чеслав Милош, Вислава Шимборска, Збигњев Херберт, Александар Ват, Мирон Бјалошевски и други. Овие поети – секако тука е и Тадеуш Ружевич кој бил тука пред триесетина години – се подарок кој Судбината го дарила на мојата држава како талисман, поклон кој треба да овозможи да се преживеат терорите од неодамнешната историја“ –истакна Загајевски.

Струшките вечери на поезијата ја преведоа и објавија поезијата на Загаевски на англиски, македонски и полски јазик, во капитално издание на 800 страници. Преведувач е Звонко Димовски.

Загајевски во вторник (28 август) во 11 часот ќе биде примен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

OhridNews